Во истиот предмет, кон крајот на април, спогодби направија и Орце Камчев и Ненад Јосифовиќ. Тие се договорија на затворски казни од по една година, а непосредно пред да почнат да ја издржуваат казната ја сменија адресата на живеење од Скопје во Охрид, со што охридскиот суд ги упати да ја доиздржат казната во полуотворениот затвор во Струга
И поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, ја промени адресата на живеење од Скопје во Охрид во очекување на упатниот акт за издржување на тригодишната затворска казна во случајот „Империја“.
Со тоа, надлежноста да му се издаде упатен акт од Основниот кривичен суд Скопје преминува во охридскиот суд, кој се очекува да го испрати на издржување на казната во Казнено-поправниот дом (КПД) во Струга, кој е полуотворен тип.
Од Кривичен за Канал 5 ТВ потврдиле дека надлежноста за предметот и списите ќе бидат испратени кај нивните колеги во Охрид.
Мијалков пред десетина дена, како обвинет во „Империја“, призна вина за кривичните дела злосторничко здружување и за противправно стекнување и прикривање на имот.
„Тој дејствијата ги извршувал во група со други осомничени во предметот, преку правни лица основани во државава на кои им била прикривана сопственоста, но и офшор компании во странство. Приходите стекнати со пренос на капиталот обвинетиот не ги пријавувал во анкетните листови, иако за цел период опфатен со истрагата извршувал јавна функција“,
соопштија од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
Со обвинителството тој се спогоди на три години затвор и конфискација на околу 36 милиони евра, поголем дел во недвижен имот, за што оттаму објавија и детален список на конфискуваниот имот.
Покрај Мијалков, спогодба истиот период постигна уште еден обвинет во „Империја“, Тодор Мирчевски, кој се договори на тригодишна затворска казна.
Кон крајот на април годинава, во истиот предмет, спогодби направија и обвинетите Јордан (Орце) Камчев и Ненад Јосифовиќ. Тие се договорија на затворски казни од по една година, а непосредно пред да почнат да ја издржуваат казната ја сменија адресата на живеење од Скопје во Охрид, со што охридскиот суд ги упати да ја доиздржат казната во полуотворениот затвор во Струга.
Спогодбата што ја постигнаа Камчев и Јосифовиќ беше за кривични дела до 2009 година – Камчев за злоупотреба на службената положба и овластување, а Јосифовиќ за перење пари и други приноси од казниво дело.
Дел од спогодбата беше преку фирмите на Камчев да се уплатат и 5,2 милиони евра на сметка на УЈП, па така на 26 април годинава од страна на фирмата „Кара“ АД Скопје, која е правен следбеник на компаниите „Орка холдинг“ АД Скопје и ДПТУ ХООР АД Кавадарци, парите беа уплатени во државната каса.