Одбивањето да се плаќа во рубли ја одразува желбата на Западот да ја казни Русија по секоја цена, на штета на сопствените потрошувачи, даночните обврзници и производителите, рече портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, кој додаде оти Русија би можела да ја стопира испораката на гас и за другите европски купувачи, доколку и тие одбијат да плаќаат во рубли
Во меѓувреме, откако руски „Газпром“ ја стопира испораката на гас во Бугарија и Полска, Австрија засега се согласи да ги плати испораките на руски гас во рубли
По Полска и Бугарија, Русија би можела да ја стопира испораката на гас и за другите европски купувачи, доколку и тие одбијат да плаќаат во рубли, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, откако рускиот гигант „Газпром“ ја суспендира испораката на природен гас во Бугарија и Полска.
Руското барање за плаќање на гасот во рубли, според Песков, е резултат на санкциите кои Западот и ги наметна на Руската Федерација.
„Западот го украде имотот на Русија во непријателска акција без преседан“,
посочи Песков.
Тој додаде дека одбивањето да се плаќа во рубли ја одразува желбата на Западот да ја казни Русија по секоја цена, на штета на сопствените потрошувачи, даночните обврзници и производителите.
Според Песков, стопирањето на доставата на гас на Бугарија и на Полска не претставува уцена.
Откако руски „Газпром“ ја стопира испораката на природен гас во Бугарија и Полска, Австрија, претставена од нафтената и гасна компанија ОМВ, засега се согласи да ги плати испораките на руски гас во рубли, соопшти австрискиот канцелар Карл Немахер.
„Ние, односно ОМВ ги прифативме условите за плаќање. Утврдено е дека се во согласност со условите на санкциите“,
изјави Нехамер.
Австрискиот министер за енергетика Леонере Гевеслер изјави дека без руски гас земјата не може да ги наполни своите складишта во текот на годината, поради тоа што Австрија е 80 отсто зависна од руски гас. Според него, земјата треба да бара алтернативни добавувачи.
Според новата руска шема за набавка на гас, купувачите од земјите што Москва ги идентификува како „непријателски“ ќе ги префрлат своите средства за купување во странска валута на Газпромбанк, која ќе им купува рубли на берзите и ќе им ги префрли на увозниците на посебни сметки во рубли, од кои ќе се врши плаќањето на испораките.