Рускиот претседател во телевизиска изјава рече дека доколку нема уплати тоа ќе предизвика стопирање на постојните договори
Рускиот претседател Владимир Путин изјави денеска дека од април „непријателските земји“, вклучително и сите членки на ЕУ, ќе треба да отворат сметки во руски банки и да плаќаат во рубли за испорака на гас.
„Тие мора да отворат сметки во руските банки за да плаќаат во рубли. Токму од тие сметки ќе се вршат плаќања за испорачан гас почнувајќи од утре, 1 април“,
нагласи Путин во телевизиска изјава.
Тој додаде дека дека доколку нема уплати тоа ќе предизвика стопирање на постојните договори.
Путин минатата недела соопшти оти за испорака на рускиот гас во „непријателските земји“ ќе прифати единствено плаќање во рубли откако Москва беше погодена од строги санкции поради нејзината инвазија на Украина, а вредноста на рубљата падна за над 20 проценти.
На овој начин Москва сака да ја врати вредност на својата валута.
Во меѓувреме, францускиот министер за економија изјави дека Франција и Германија се подготвуваат за намалување на испораката на руски гас.
„Утре може да дојде до ситуација во која… веќе нема руски гас. Наше е да се подготвиме за овие сценарија и ние се подготвуваме“,
изјави Бруно ле Мер по разговорите во Берлин со неговиот германски колега Роберт Хабек.