Надоврзувајќи се на темелите на нашите организации и работејќи заедно, бескомпромисни на договорените принципи, мораме да направиме сè за да продолжиме со нашите заеднички напори за мир, стабилност и безбедност, рече Османи во обраќање пред Советот за безбедност на Обединетите нации
Заедничката потрага по мир зависи од нашиот колективен ангажман, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи, во својство на претседавач со ОБСЕ во своето обраќање пред Советот за безбедност на Обединетите нации, а во рамки на 78. Генерално собрание на ОН кое оваа недела се одржува во Њујорк.
Османи зборувајќи за актуелните безбедносни предизвици, се осврна на агресивната војна на Руската Федерација против Украина.
„Војната претставува најголемо прекршување и оспорување на меѓународните правила и обврски кои беа напишани и потпишани од истата Русија која сега со презир ги гази. Таа ги уништува не само животите и средствата за живот во Украина, домовите и надежите на луѓето, туку и надвор од тоа, влијае и на животите на луѓето многу подалеку од Русија“,
рече Османи.
Во рамките на ОБСЕ, регионалната организација со која претседава, Османи рече дека во овој клучен момент од нејзината историја, се чувствува влијанието од војната пред сè врз луѓето, но и врз политиката меѓу регионите и врз институциите кои се создадени како платформа за дијалог и одржување на мирот, а не се користат така.
„Постои закана и самиот мултилатерализам да стане жртва на оваа агресија, меѓународните форуми како овој да се заменуваат со бојното поле, а аргументите со брутална сила, без придобивка за никого. Па, објаснете ми: кој добива од оваа војна?“,
праша во своето обраќање Османи.
Како претседавач со ОБСЕ, тој истакна и дека организацијата постојано ја дава својата поддршка преку Програмата за поддршка во различни области која веќе е на терен и која вклучува хуманитарно деминирање, промоција на владеењето на правото и ублажување на последователните еколошки и економски влијанија.
Османи најави и дека повторно ќе оди во посета на Украина со цел директно да ги слушне потребите, надежите и стравовите на луѓето на терен.
Обраќањето пред Советот за безбедност на ОН, Османи го заврши со пораки за мултилатерализмот, нарекувајќи го „процес кој бара и заслужува секојдневна посветеност и зачувување“.
„Никој, ниту во наше време ниту пред нас, сè уште не смислил подобра идеја или пракса од мултилатерализмот. На крајот, војните ги прават луѓето и ги завршуваат луѓето. А луѓето и се враќаат на дипломатската маса, на дијалогот, платформите и сеопфатните концепти за безбедност. Токму онакви какви што нудат ОБСЕ и ОН“,
рече Османи.
Надоврзувајќи се на темелите на нашите организации, како што рече Османи, и работејќи заедно, бескомпромисни на договорените принципи, „мораме да направиме сè за да продолжиме со нашите заеднички напори за мир, стабилност и безбедност“.