Она што е чудно во целата приказна, како што наведуваат од опозицијата, е бавноста на Централната изборна комисија чии членови на полноќ, пет часа по затворањето на гласачките места, немаа никакви информации за резултатите од изборите за претседател на РС, иако веднаш до гласачките ливчиња за Претседателството на БиХ, ова ниво е најлесно за обработка. Резултатите беа објавени следниот ден во корист на Милорад Додик, а таа предност остана со 95 отсто од преброените избирачки места
Претставниците на опозициските партии во Република Српска за денеска најавија мирен протестен марш во Бања Лука поради, како што наведоа, изборна кражба на општите избори одржани во неделата.
„Сакаме на мирен начин да покажеме дека не се согласуваме со изборна кражба и менување на изборната волја на граѓаните“,
рече претседателот на Партијата на Демократски напредок (ПДП), Бранислав Бореновиќ.
Претставниците на опозицијата бараат од Централната изборна комисија на БиХ повторно да ги преброи гласовите во цела Република Српска за претседател на Република Српска, Претставничкиот дом на Парламентот на БиХ и Националното собрание на РС.
„Бараме повторно да се пребројат гласовите во вреќите, според сите прописи, за да се знае точно колку гласови добил секој од претседателските кандидати и дали тоа одговара на состојбата прикажана во записникот, кој е доставен до ЦИК. Сосема е јасно дека ова е прекршување на изборната волја, особено на изборите за претседател на РС. Има 35.000 неважечки ливчиња, повеќе од 20.000 гласови се во корист на кандидатот на СНСД Милорад Додик во Добој, Зворник и Приједор, на десетици избирачки места каде нашата кандидатка Јелена Тривиќ има нула гласови, што е целосно нереално“,
рече Бореновиќ.
Изборната кражба, како што нагласи тој, е огромна: од 70 илјади до 100 илјади гласови.
„Не ме украдоа мене, украден е народот на Република Српска“,
изјави Јелена Тривиќ, која тврди дека нивните податоци се сосема различни од оние што ги објави изборниот штаб на СНСД на Додик.
Она што е чудно во целата приказна, како што наведуваат од опозицијата, е бавноста на Централната изборна комисија чии членови на полноќ, пет часа по затворањето на гласачките места, немаа никакви информации за резултатите од изборите за претседател на РС, иако веднаш до гласачките ливчиња за Претседателството на БиХ, ова ниво е најлесно за обработка. Резултатите беа објавени следниот ден во корист на Милорад Додик, а таа предност остана со 95 отсто од преброените избирачки места.
Од друга страна, откако и Јелена Тривиќ и Милорад Додик прогласија победа, а приврзаниците на ПДП ја прославија победата на градскиот плоштад во Бања Лука, во неколку населени места во Бања Лука имаше прекин на струјата околу триесет минути.
Поради сето ова, опозицијата денеска поднесува барање до Централната изборна комисија на БиХ за повторување на пребројувањето на гласовите на сите нивоа, а особено, како што рекоа, на ниво на претседател на РС. Тие се убедени дека откако ќе се утврдат нерегуларностите, изборите ќе се повторат.
Од СНСД тврдат дека Јелена Тривиќ и Бранислав Бореновиќ изгубиле секаков вид политички кредибилитет со лажно прогласување на победникот и дека веќе не можат ништо да направат во РС.
„Не знам што се случува во нивните глави. Можеби го изгубија умот кога прогласија победа. Единствено е точно дека победија во Бања Лука, но не и во Република Српска. Не верувам дека се горди на тоа што го направија“,
рече Додик изборната вечер, откако изборниот штаб на ПДП ја објави победата на Јелена Тривиќ.
Опозицијата тврди дека имало прекршување на изборната волја на 80.000 до 100.000 граѓани.
Додик: Победив и покрај мешањето на Западот
Српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина Милорад Додик порача дека победил на претседателските избори во Република Српска одржани во неделата „и покрај мешањето на Западот“.
„Моето вкупно водство, според резултатите на изборите, е 30.000 гласа, односно околу 5 или 6 отсто. Во моменталните околности, тоа е многу значаен резултат кој не може да се доведе во прашање со каква било постапка на опозициските партии, кои западните амбасади ги поттикнаа да предизвикаат нестабилност“,
кажа Додик.
Тој додаде дека ситуацијата по изборите е „мирна и стабилна“, дека се разгледува формирање нова влада и дека веќе се одржуваат првите состаноци.
Според последните прелиминарни податоци на Централната изборна комисија, Додик освои 281.369 гласа или 48,30 отсто, додека неговата противкандидатка Јелена Тривиќ освои 252.603 гласа или 43,36 отсто.
ЕУ: Изборите во БиХ ја покажаа недовербата на граѓаните во институциите
Европската Унија ги поздрави изборите за претседателството во Босна и Херцеговина и ја прими на знаење одлуката на високиот претставник, Кристијан Шмит, без дополнителни коментари.
Веднаш по изборите во Босна и Херцеговина на 2 октомври, Канцеларијата на високиот претставник, Кристијан Шмит, одлучи дека ќе ги менува и Уставот и изборниот законик во земјата, што предизвика лавина реакции во земјата и надвор од неа, поради тоа што ќе има влијание врз формирањето на владините коалиции и застапеноста на етничките групи.
Европската Унија одбива да ја коментира одлуката.
„ЕУ ја прими на знаење одлуката на високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, да ги менува Уставот на Федерацијата на Босна и Херцеговина и изборното законодавство на Босна и Херцеговина на денот на изборите. Потсетуваме дека неговата извршна моќ треба да се користи само како последна опција во случај на непоправливи нелегални дејствија“,
стои во реакцијата на ЕУ.
Во однос на самите избори, ЕУ, согласно проценките на ОБСЕ/ОДИХР, изјави дека тие биле генерално конкурентни и добро организирани, но дека биле одраз на „недовербата на граѓаните во јавните институции“ и реториката на етничка поделба. Европската Унија ги повика властите да се справат со наводите за нерегуларности.
Босна и Херцеговина чека кандидатски статус за ЕУ, за што треба да исполни претходно 14 клучни критериуми.