На концертот ќе учествуваат и Националната опера и балет, хорот на Музичкото училиште во Солун, како и детскиот хор „Пиколо“

Македонската филхармонија, Софиската филхармонија и Државниот симфониски оркестар на Солун вечерва со почеток во 21 часот ќе одржат заеднички концерт во Градскиот парк во Скопје. Насловен како „Филхармонија на отворено“, овој настан ја носи култната музичко-сценска кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, проект кој претходно веќе успешно беше изведен во Софија и Солун.
Концертот е бесплатен за сите посетители, а со ансамблот ќе диригира маестро Најден Тодоров. Како солисти ќе настапат сопранистката Ана Дурловски, тенорот Николас Спанос од Грција и баритонот Иво Јорданов од Бугарија. На концертот ќе учествуваат и Националната опера и балет, хорот на Музичкото училиште во Солун, како и детскиот хор „Пиколо“.
На прес-конференцијата организирана во пресрет на настанот, сопранистката Ана Дурловски рече дека овој проект претставува вистински пример на културно поврзување.
„Суштината е во градењето мостови онаму каде што политиката понекогаш поставува граници. Оваа соработка и ова заедничко создавање треба да продолжи и понатаму. Тоа што ќе се случи на овој концерт ќе биде навистина величествено затоа што го носи искуството од Софија и од Солун, топлината и енергијата што ги разменивме, креативноста што ја донесовме. Ова повторно ќе биде нешто ново – во величествен отворен простор, што ќе донесе едно навистина уникатно доживување“,
изјави Дурловски.
