Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот
Поради одржување на парадата на гордоста, утре, со почеток од 18 часот, во централното градско подрачје ќе биде воведен посебен режим на сообраќај, информираат од СВР Скопје.

Учесниците на протестниот марш ќе се движат од фонтана „Лотус“ во Градскиот парк, по булеварот „Илинден“, потоа ќе свртат по улицата „Франклин Рузвелт“, па по булеварот „Партизански одреди“ се до крстосницата со улицата „Васил Главинов“ каде што ќе свртат десно и потоа по улицата „Димитрие Чуповски“ ќе завршат на крајната точка, паркот „Жена борец“ на улицата „11 Октомври“.
Од СВР Скопје упатуваат апел до сите возачи и учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници вдолж сообраќајниците опфатени со посебниот режим, со цел да се избегнат поголеми сообраќајни метежи.
