Пецаков вели дека веќе имал работни средби со надлежните во Министерството за транспорт и врски, од кои побарал вметнување на плажите во опфатите во урбанистичките планови, за да може да се предвиди на каков начин ќе се уредуваат, додека првичната реакција од владејачкиот табор е дека наводната голема грижа за УНЕСКО за ВМРО-ДПМНЕ траела само до изборите
Новиот градоначалник на Охрид, Кирил Пецаков, најави дека Општината ќе спроведе активности за уредување на начинот на кој ќе се стопанисува со плажите на Охридското Езеро во иднина.
Пецаков рече дека веќе имал работни средби со надлежните во Министерството за транспорт и врски каде што побарал вметнување на плажите во опфатите во урбанистичките планови, за да може да се предвиди на каков начин ќе се уредуваат и издаваат под концесија. Тој побарал од државните институции да ги заокружат сите потребни процедури во насока на изнаоѓање начини како плажите ќе можат да бидат издадени под концесии на јавно наддавање.
„Првично ќе се обидеме урбанистички да ги решиме, а потоа да се издадат под концесии. За начинот како тоа ќе биде уредено ќе појасниме дополнително“,
рече тој.
Пецаков појасни дека сите објекти и урбана опрема на плажите каде изминатиот период беше интервенирано за нивно отстранување, биле изградени со проекти прифатени од Министерството за транспорт и врски, со забелешка дека тоа не се дивоградби.
„Тоа не се дивоградби, туку неспособност на локалната самоуправа да го реши проблемот и да го утврди начинот на концесионирање и за тоа како треба да изгледаат. Не станува збор за дивоградби, туку за проекти врз основа на кои плажите беа издадени под концесии. Проблемот е во тоа што претходната локална самоуправа и централната власт од 2017 година наваму не најдоа за сходно да ги решат концесиите“,
рече Пецаков.
Според него, плажите ќе бидат уредувани согласно препораките на УНЕСКО, со строго утврдени одредби за уредување со исклучиво природни материјали, како и обврска за концесионерите половина од закупениот простор да биде слободен за граѓаните.
По однос дејноста што во изминатиот период ја вршеле концесионерите на просторот под закуп, Пецаков проблемот го посочи во тоа што државата и институциите дозволиле да можат да функционираат без надзор и надвор од предвиденото време.
„За начинот како ти е плажи работеле надвор од предвиденото време одговорите треба да ги побараме од државните институции. Тие да ни го дадат одговорот зошто така се работело“,
рече Пецаков.
Неговите најави за „враќање“ на плажите, за време на изборната кампања, наидоа на реакција од министерката за култура Ирена Стефоска, која тогаш оцени дека ветувањето дека повторно ќе се издаваат концесии за плажите е злосторство во најава кон Охридското Езеро.
„Планот за управување со Охридскиот регион предвидува издавање концесии за некои плажи, но само со урбана опрема, а не како објекти’,
посочи Стефоска.
По денешната најава на Пецаков, реагираше Андреј Жерновски, поранешниот заменик-министер за надворешни работи, кој во 2019 година беше во делегацијата што учествуваше на 43. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Баку, Азербејџан, на која ќе се дискутираше за состојбата со природното и културното наследство во Охридскиот Регион.
„Големата грижа за Охридското Езеро им траеше до… изборите. Што е сега веќе битен УНЕСКО, не важи тоа што ронеа крокодилски солзи и критикуваа. Тоа беше кога беа во опозиција, сега се на власт! Туку… зарем навистина им поверувавте“,
напиша Жерновски на Фејсбук.
Во почетокот на годинешнава туристичка сезона, доскорешните локални власти почнаа акција за уривање на нелегалните градби и урбана опрема од плажите во градското подрачје на Охрид.