Премиерот Зоран Заев преку социјалните мрежи ја поздрави и даде поддршка за акцијата за рушење на дивоградбите на крајбрежјето во Охрид, која ја спроведуваат Општината и градоначалникот Константин Георгиески.
Во неговата објава тој го прозива и градоначалникот на Струга велејќи дека се надева оти наскоро ќе ја поздрави одлучноста и на Општина Струга.
„Изразувам силна поддршка за одлучната акција за отстранување на бесправно изградените објекти на охридското крајбрежје што ја спроведуваат Општина Охрид и Константин Георгиески. Правната држава става крај на хаосот и импровизациите на територијата на Охридскиот Регион и на езерското крајбрежје прогласено за светско наследство, заштитено од УНЕСКО, со цел да го реафирмираме владеењето на правото и да го подобриме квалитетот на живот на граѓаните. Сите се еднакви пред законите и сите мора да ги почитуваат, а ова особено е важно кога е во прашање заштитата на вредностите на светското наследство. Општина Охрид презема храбри и конкретни чекори кои сите треба да ги поздравиме. Се надевам дека наскоро ќе може да ја поздравиме и одлучноста на Општина Струга“,
вели Заев.
Општина Охрид изминатите денови најави засилени активности во отстранувањето на дивоградбите во и околу езерото, а вчера се почна со рушење на нелегалните градби и на атрактивните плажи. По неодамнешното објавување на извештајот во кој повторно се препорачува впишување на листата наследства во опасност, градоначалникот порача дека независно од одлуката на УНЕСКО во однос на статусот за заштитено подрачје на Охридскиот Регион, локалната власт работи посветено за да го зачува како непроценливо богатство.