Нема место за дивоградби во крајбрежјето на езерото во Охрид и тие треба да се отстранат, порача евроамбасадорот Дејвид Гир. Во објава на Твитер, Гир посочува дека Охридскиот Регион, кој е препознаен од УНЕСКО како културно и природно наследство, мора да се зачува и потенцира дека тоа е владеење на правото.
„Заштитата на охридското наследство ќе значи и инвестирање во нови работни места и во угостителската индустрија, денес и во иднина“,
додава Гир.
Illegal constructions have no place at #Ohrid lakeside and should be removed. The region’s unique natural & cultural wealth– recognized by UNESCO – must be preserved. By protecting Ohrid’s heritage now, we also invest in jobs & the hospitality industry today & tomorrow #RuleOfLaw pic.twitter.com/UKcOshWbcf
— EU Ambassador David Geer (@AmbassadorEU) June 10, 2021
Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, се заблагодари за поддршката од ЕУ во борбата со справувањето со дивоградбите и исполнувањето на препораките на УНЕСКО.
„Особено сум горд што нашите стратешки партнери од ЕУ ги препознаваат нашите заложби за почитување на законите и владеење на правото, со што ставаме крај на децениската деградација на крајбрежјето“,
напиша Георгиески на Фејсбук.
Општина Охрид изминатите денови најави засилени активности во отстранувањето на дивоградбите во и околу езерото. Независно од одлуката на УНЕСКО во однос на статусот за заштитено подрачје на Охридскиот Регион, локалната власт работи посветено за да го зачува како непроценливо богатство, порача градоначалникот по објавувањето на извештајот во кој повторно се препорачува впишување на листата наследства во опасност.
Кон крајот на мај, УНЕСКО го објави извештајот за Охрид од Реактивната мисија која лани го посети регионот. Во извештајот повторно се забележува дека Охридскиот Регион заслужува да се впише на листата на светско природно и културно наследство во опасност зашто во последните три години не се завршени задолженијата побарани во 2017 година.