И додека во Собранието денеска почнува ново заседание, спроти собраниската зграда ќе се одржи манифестација по повод двегодишнината од референдумот за името, а во организација на „Бојкотирам“
Три и пол месеци по завршувањето на вонредната состојба, што првпат беше прогласена на 18 март годинава, а траеше до 22 јуни, пратениците денеска ќе треба да се изјаснат за петте одлуки што ги донесе за оваа цел претседателот Стево Пендаровски.
Вонредната состојба во земјава беше прогласена поради епидемијата на ковид-19, што доведе и до пролонгирање на предвремените парламентарни избори, со што, пак, за три месеци беше продолжен мандатот на техничката влада, додека претходниот собраниски состав беше распуштен.
Поради нефункционалноста на Собранието во екот на епидемијата, сите одлуки за вонредната состојба ги донесе Пендаровски, а стигнаа на потврдување кај новиот собраниски состав.
Гласањето за потврдување на одлуките на Пендаровски, всушност, ќе претставува прв тест за потенцијалите на новиот парламент да обезбеди двотретинско мнозинство за одредени одлуки, во ситуација кога владејачкото мнозинство моментно го сочинуваат 62 пратеници, како и со оглед на искуството од претходниот собраниски состав, кога обезбедувањето 80 гласа беше вистинска „политичка авантура“.
На неодамнешниот брифинг со новинари, претседателот на парламентот Талат Џафери рече дека ќе има консултации со пратеничките групи за тоа кога да ги стави на дневен ред одлуките за вонредната состојба што Пендаровски ги достави во парламентот, со оглед на тоа што за нивно потврдувасње се потребни минимум 80 гласа. Џафери тогаш немаше одговор што би било ако не се обезбеди потребното мнозинство гласови, со оглед на тоа што одлуките за вонредната состојба се потврдуваат ретроактивно.
Во почетокот на ковид-кризата имаше согласност меѓу власта и опозицијата за прогласување вонредна состојба, но потоа имаше и случаи кога ВМРО-ДПМНЕ имаше забелешки и излегуваше со тврдења дека владејачките партии ја злоупотребуваат ситуацијата за да може да носат уредби со законска сила.
Собранието денеска треба да расправа и за Иннформација за состојбите во лозаропреработувачкиот сектор поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како и за основање собраниски делегации за остварување меѓународна соработка.
На дневен ред е и предлог-одлука за изменување на Одлуката за основање делегација на Собранието на „Република Македонија“ во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација. Единствената измена во оваа одлука е внесување на новото уставно име на државата Република Северна Македонија.
И додека во парламентот денеска почнува ново заседание, спроти собраниската зграда ќе се одржи манифестација по повод двегодишнината од референдумот за името. Платформата „Македонија бојкотира“ во паркот спроти Собранието ќе ја одбележи двегодишнината од, според нив, големата референдумска победа, под мотото „Не се откажуваме – битката за Македонија продолжува“.