„Судот активно постапува по сите предмети, се преземаат повеќе дејствија со цел да се утврдат сите релевантни факти и околности кои се неопходни за изготвување темелен и аргументиран реферат“, велат од судот

Уставниот суд информира дека активно постапува по три предмети во кои се оспорени законските одредби за платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители. Од Судот наведуваат дека се преземаат повеќе дејствија за утврдување на сите релевантни факти и околности пред донесување одлука.
Оваа реакција следува откако Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство и Здружението на јавните обвинители упатија писмен повик до Уставниот суд итно да ги стави на дневен ред нивните иницијативи, со кои се оспорува намалувањето на коефициентите за пресметка на нивните плати.
Од Уставен посочуваат дека станува збор за предметите У.бр.71/2025, У.бр.74/2026 и У.бр.115/2026, оформени по иницијативи поднесени од претседателот на Здружението на јавните обвинители, Елвин Вели, и претседателот на Советот на јавните обвинители, Башким Бесими.
„Судот активно постапува по сите предмети, се преземаат повеќе дејствија со цел да се утврдат сите релевантни факти и околности кои се неопходни за изготвување на темелен и аргументиран реферат“,
стои во соопштението од Уставниот суд.
Оттаму образложуваат дека за предметот У. бр. 71/2025 на 24 декември 2025 година судот повел постапка за оценување на уставноста на измените на законите за платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители, објавени во „Службен весник“ бр. 272/2024.
На седница, пак, одржана на 11 март 2026 година, Од Уставен велат дека судот ја запрел постапката за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители од 2024 година, поради исцрпеност во примената.
„На истата седница, предлогот на судијата известител за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители и Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија не го доби потребното мнозинство гласови“,
се додава во соопштението од Уставен.
Оттаму појаснуваат и дека предметот У. бр. 71/2025 година, во фаза на предлог за одлучување, бил повлечен од дневен ред на седница одржана на 23 септември 2026 година, поради дополнително утврдување на фактичката и правната состојба.
Од Уставниот суд потсетуваат дека во моментот работат во некомплетен состав, со осум од предвидените девет уставни судии, но нагласуваат дека се постапува согласно Актот на Судот и оти се преземаат сите потребни дејствија за целосно утврдување на фактичката состојба и донесување одлука врз основа на уставно-правна анализа.
Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и Здружението на јавните обвинители вчера преку писмено соопштение упатија нов повик до Уставниот суд со кој бараат нивните иницијативи за оценување на уставноста на измените на законите со кои беа намалени коефициентите за пресметка на платите на јавните обвинители, итно да бидат ставени на дневен ред и разгледани од Судот.
Во заедничкото соопштение се вели дека Извршниот одбор на Здружението на јавните обвинители донел одлука со која изразува сериозна загриженост поради, како што се наведува, непостапувањето на Уставниот суд по поднесените иницијативи. Со тоа, велат, не само што се доведува во прашање самостојноста на Јавното обвинителство и принципите на владеење на правото, туку се создава сериозен диспаритет помеѓу судската и јавнообвинителската функција.
Инаку, јавните обвинители и кон средината на јули годинава реагираа до Уставниот суд во однос на истото прашање.
Претседателот на Судот, Дарко Костадиновски, на брифинг со новинарите, одржан еден ден по реакцијата на јавните обвинители, кажа дека повеле постапка по иницијативите, но во меѓувреме Владата дополнително ги намалила коефицентите со новите измени на законите од февруари оваа година. Дополнително, рече тој, кога требало да се донесе одлука, предлогот на судијата известител не добил мнозинство, односно судиите гласале поделено четири спрема четири, бидејќи Уставниот суд работи со еден судија помалку.
