Од ДЗС порачуваат дека и покрај спецификите на речното корито и условите на теренот, екипите ќе останат на терен сè додека не заврши целосната операција

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) активирала тимови кои интензивно пребаруваат по текот на реката Вардар во Гостиварско, откако биле добиени индиции дека во нејзина близина е видено исчезнато лице. Потрагата се одвива по официјално барање на Полициската станица Гостивар.
Во операцијата за пребарување и спасување директно се ангажирани припадници на Тимот за брз одговор (ТБО) за спасување на води при ДЗС, со соодветна логистичка поддршка од Подрачното одделение на ДЗС – Гостивар.
Акцијата се спроведува во координација со полициските службеници од ОВР Гостивар и локалните служби. Пребарувањето, како што велат, се одвива вдолж речното корито, започнувајќи од критичните точки во градот па сè до низводните подрачја.
Од ДЗС порачуваат дека и покрај спецификите на речното корито и условите на теренот, екипите ќе останат на терен сè додека не заврши целосната операција.
Дирекцијата за заштита и спасување апелира до сите жители на Гостивар и околните населени места, доколку располагаат со какви било информации или забележат нешто вдолж речното корито, веднаш да пријават на дежурните броеви во полицијата, во службите за заштита и спасување или на бројот 112 во ЦУК.
