„Интересни се и податоците за највисоките поединечни доходи. Највисоката годишна бруто-плата изнесува 139,1 милион денари, додека највисоката дивиденда е 252,6 милиони денари, а највисоката капитална добивка е 164,2 милиони денари. Највисокиот доход од самостојна дејност е 157,9 милиони денари“, се вели во соопштението од УЈП

Четиригодишно дете остварило доход од 3,1 милиони денари по основа на дивиденда, додека 97-годишен пензионер пријавил дури 1 089 милијарди денари, од кои 59 отсто биле од пензија, а остатокот од дивиденди, покажуваат податоците на Управата за јавни приходи (УЈП) за 2025 година.
Од УЈП, кои денеска ги презентираа податоците за доходот на граѓаните за 2025 година, велат дека за минатата година се изготвени претпополнети годишни даночни пријави за околу 863 илјади граѓани, кои оствариле вкупен бруто-доход од 612,9 милијарди денари и пресметан данок на личен доход од 39,8 милијарди денари.
Ефективната даночна стапка изнесувала околу 6,5 отсто, што е под пропишаната стапка од 10 проценти поради остварените даночни намалувања. Во споредба со 2024 година, бројот на граѓани со оданочив доход е зголемен за 82 702 лица, додека вкупниот бруто-доход и данокот бележат раст од околу 14 отсто.
Од УЈП велат дека најголемата група ја сочинуваат 638 илјади граѓани кои претставуваат две третини од даночните обврзници што остваруваат годишен бруто-доход од 100 илјади до еден милион денари, учествувајќи со 55 проценти во вкупниот бруто-доход.
Според УЈП, 16 отсто од обврзниците се граѓани со доход од 1 до 10 милиони денари и тие учествуваат со дури 39 проценти во вкупниот доход.
Во 2025 година, 31 граѓанин остварил доход над 100 милиони денари, со вкупен износ од 4,973 милијарди денари. Ова бележи пад во однос на 2024 година, кога во оваа категорија имало 42 лица со вкупен доход од 6,753 милијарди денари.
Иако околу две третини од вкупниот бруто-доход произлегуваат од плати остварени од 596 илјади граѓани, податоците на УЈП покажуваат разновидност во изворите на парите.
Пензиите учествуваат со 9,5 отсто, а другите лични примања од работа со 8,2 проценти. Доходот од земјоделски производи и од дивиденди и друг доход од капитал учествува со нешто помалку од 5 отсто, додека добивките од игрите на среќа, закупнините и другите доходи учествуваат со околу 2 проценти. Остантите категории доход, како на пр.доход од самостојна дејност, имаат многу мало учество, под 1 процент.
Според УЈП, регионалните податоци исто така откриваат разлики. Скопскиот Регион учествува со 36 отсто во вкупниот број пријави, но зафаќа дури 43 проценти од вкупниот бруто-доход во државата. Просечниот годишен доход по пријава во Скопје изнесува 846 илјади денари.
Битолскиот регион има повисок просечен доход по граѓанин во однос на Штип и Прилеп, додека тетовскиот и струмичкиот регион се наоѓаат на долното ниво со најмало учество во бруто-доходот на национално ниво. Сепак, во сите региони е забележан раст на доходите во споредба со минатата година.
„Интересни се и податоците за највисоките поединечни доходи. Највисоката годишна бруто-плата изнесува 139,1 милион денари, додека највисоката дивиденда е 252,6 милиони денари, а највисоката капитална добивка е 164,2 милиони денари. Највисокиот доход од самостојна дејност е 157,9 милиони денари“,
се вели во соопштението од УЈП.
Од Упрвата го посочуваат и највисокиот вкупен доход од сите извори кој велат дека изнесува 257,5 милиони денари, а го остварил граѓанин од Гевгелија преку комбинација на плата, дивиденда и друг доход. Веднаш зад него е граѓанин од Охрид со остварени 254,4 милиони денари.
Од УЈП истакнуваат дека овие податоци служат како основа за подобра проценка на даночните ризици, вкрстување со други службени регистри и откривање на непријавен доход, со цел обезбедување еднаков пристап кон даночните обврзници.
