„Најодговорно тврдам дека работната група има работено на драфт верзијата за нов Кривичен законик и нема работено во овие измени кои беа предложени од страна на заменичката. Кој бил дел од тимот, кој ги има предложено ќе треба да се изјасни заменик-министерот“, изјави министерот за правда Кренар Лога
Министерот за правда Кренар Лога ја посочи неговата заменичка, Викторија Аврамовска-Мандиќ, како единствена која може да даде одговор на прашањето кој ги напишал „контроверзните“ измени на Кривичниот законик, кои изминатиот период ја брануваат јавноста.
Лога, на денешниот брифинг со новинарите, не сакаше да ги коментира измените и последиците по одредени предмети од измените на Кривичниот законик кои во Собрането влегоа со потпис на заменик-министерката за правда и која ги бранеше пред пратениците во законодавниот дом.
Одговорноста за измените на Кривичниот законик е на Собранието на РСМ и тие измени се направени со глас на одредени пратеници, изјави денеска Лога.
Прашан дали ја овластил заменик-министерката за правда да го потпише предлог-законот за измена на Кривичниот законик, тој, рече дека заменик-министерот има право, во отсуство на министерот да биде предлагач, а останува Владата со гласање да се изјасни.
„Не се согласувам со квалификациите. Така што, заменик-министерот има право како и секој министер во Владата кога министерот е отсутен и може да биде предлагач на се и сешто. Значи, останува после поддршката на Владата изјаснета со гласање дали е за тоа или не. Како и да е, и да е како што вие го кажувате предлогот, одговорноста е на Собранието на РСМ. Значи, тие измени се направени со глас на одредени пратеници“,
изјави Лога.
Прашан, директно дали тој ја овластил заменик-министерката да потпише вакво предлог, Лога рече дека овластувањето е пропишано во Законот за влада.
„Овластувањето е пропишано во Законот за влада, така што јас не сум никој што може со обична хартија да овластува или да деовластува кој било во државата“,
изјави Лога.
Во однос на тоа дали, работната група што ги напиша измените е истата што го пишува и новиот Кривичниот законик, Лога рече дека за тоа кој има работено на предложените измени, треба да се изјасни заменик-министерката.
„Најодговорно тврдам дека работната група има работено на драфт верзијата за нов Кривичен законик и нема работено во овие измени кои беа предложени од страна на заменичката. Кој бил дел од тимот, кој ги има предложено ќе треба да се изјасни заменик-министерот“,
изјави министерот за правда Кренар Лога.
Инаку, како што веќе ѝ е добро познато и на јавноста, со измените, меѓу другите, беше опфатен членот 353 за делото злоупотреба на службената положба и овластување и членот 354 за злосторничко здружување, за кои со најновите измени на КЗ се намалени казните и воведена е горна граница, што повлекува застарување на добар дел од делата по кои се гонат обвинетите во случаите што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО).