Стигнати се пет понуди од различни држави и компании, открива Петровска и додава дека во моментов се прави евалуација од страна на Интегриран проектен тим кој веќе во април треба да достави извештај до министерката
Министерството за одбрана ќе набавува нови повеќенаменски хеликоптери, најверојатно осум на број, кои ќе имаат првенствено транспортна улога, а не борбена, најави министерката Славјанка Петровска во гостувањето во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат. Стигнати се пет понуди од различни држави и компании, открива Петровска и додава дека во моментов се прави евалуација од страна на Интегриран проектен тим кој веќе во април треба да достави извештај до министерката. Намерата е леталата што ќе се купат да бидат повеќенаменски и освен за одбраната, да можат да се користат и за цивилната заштита и спасување.
„Петровска: Кога се правени плановите за трансформација на нашата армија, утврдено е дека согласно нашите цели на способности и НАТО-цели на способности, борбената компонента во делот на хеликоптерската единица нема веќе да биде во функција, а ќе се набавуваат транспортни хеликоптери кои првенствено ќе имаат задача да ги завршуваат потребите на армијата, но, се разбира, ќе бидат оспособени да извршуваат и други задачи кои sе од поширок интерес за граѓаните.
360: Нема да можат да се користат за борба?
Петровска: Не им е таа намената поради тоа што согласно плановите наши, борбената хеликоптерска единица не е дел од формацијата.“

За разлика од стандардните јавни набавки, оваа ќе се прави во договор влада со влада. Пари од буџетот ќе има и станува збор за повеќегодишна набавка, вели министерката. Ако дел од средствата треба да бидат исплатени оваа година, тоа ќе биде обезбедено, вели Петровска.
„Би сугерирала до Владата, државниот врв и Собранието (бидејќи во втора фаза тоа треба да се одобри и во Собрание) да се случи тоа што е можно побрзо, поради тоа што треба да го имаме предвид притисокот или ангажманот на сета воена индустрија во светот, со оглед на околностите во Украина, и, се разбира, затоа што треба да се погрижиме хеликоптерите кои ќе бидат предмет на таа набавка да ги имаме што е можно побрзо“,
додава Петровска.