Одговарајќи на новинарско прашање за време за заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама, Ковачевски кажа дека очекува тој извештај да биде доставен до Владата за да се види на кој начин институциите дошле до позитивни мислења во врска со издавањето македонско државјанство на украинскиот политичар Олександр Онишченко
Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека веќе побарал извештај од дел од институциите за тоа како е спроведена процедурата за на украинскиот политичар Олександр Онишченко да му се додели македонско државјанство во мај годинава.
Одговарајќи на новинарско прашање за време за заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама, Ковачевски кажа дека очекува тој извештај да биде доставен до Владата за да се види на кој начин институциите дошле до позитивни мислења во врска со ова прашање.

„Владата носи одлуки врз основа на мислења од страна на институции кои учествуваат во носење на некоја одлука. При носењето на државјанството на Онишченко беа доставени сите позитивни мислења од сите институции кои за тоа требало да го дадат тоа мислење. Врз основа на тоа мислење министрите го кажуваат своето позитивно или негативно мислење. Во овој случај со оглед на тоа дека сите документи се со позитивни мислења од сите институции, донесено е и позитивно решение“,
повтори уште еднаш премиерот.
Во однос на прашањето дали директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, ќе биде отповикан, бидејќи, сепак, треба да биде испратен на амбасадорска позиција во земја членка на ЕУ (Франција), премиерот порача одговори за тоа да се бараат во Комисијата за надворешни работи која ја води опозицијата.
„Го повикувам претседателот на Комисијата за надворешни работи да свика седница каде што директорот на АНБ и предложен амбасадор ќе може да даде одговор на сите прашања што ќе му бидат поставени“,
додаде премиерот.
Агенцијата за национална безбедност (АНБ) е една од институциите кои дале позитивно мислење за доделување македонски државјанство на украинскиот политичар Олександр Онишченко кој се наоѓа на листата на санкционирани личности од САД, на која е ставен во јануари 2021 година, поради тоа што е „член на руската мрежа за влијание врз американските претседателски избори“.
Покрај АНБ, позитивно мислење дале и Македонскиот олимписки комитет и Агенцијата за млади и спорт.
Во случајот со Онишченко, како што е веќе познато, доделено е државјанство поради спортски интерес. Тој годинава, како што вчера објави „Призма“, настапил под македонското знаме на натпревар во коњски скокови во Сен Тропе.
*Повеќе вести на оваа тема:
- Призма: Избеган украински политичар под санкции на САД, добил македонско државјанство
- Спасовски: За државјанството на Онишченко четири институции дале позитивно мислење
- Ковачки: Директорот на АНБ не заслужува да биде амбасадор откако даде позитивното мислење за државјанство на украинскиот политичар
- Алијанса за Албанците ја повика Владата веднаш да ја откаже одлуката за доделување државјанство на Онишченко