Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција денеска поднесе обвинение за случајот „Плацови на Водно“, во кој меѓу осомничените се експремиерот Никола Груевски, бившиот директор на УБК, Сашо Мијалков, кумот на Груевски – Ристо Новачевски, бизнисменот Јордан (Орце) Камчев, неговата мајка Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ. Паралелно обвинителството бара и продолжување на притворот за Камчев, кој му беше определен на 14 март поради опасност од бегство.
Поднесувањето на обвинението минатиот петок го најави и шефицата на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, во гостувањето во емисијата „360 степени“.
Истрагата за случајот „Плацови на Водно“ беше отворена во октомври лани и, според наводите од обвинителството, во периодот од 2006 до 2012 година со пари од членарина и партиски донации на ВМРО-ДПМНЕ биле купувани атрактивни парцели на Водно, односно земјиште од 11 000 квадратни метри.
Оваа истрага неодамна се прошири, се вршеа претреси во зграда на Бихаќска, а потоа беше соопштено дека се откриени два нови стана и уште еден плац од 3 000 квадратни метри на Водно, кои се сметаат за сопственост на Груевски. Тој имот е замрзнат.