Одбраната и понатаму тврди дека белешката на АНБ е единствениот доказ кој се наведува во сите решенија на судот за притворот на бизнисменот
Адвокатот на бизнисменот Орце Камчев, Тони Менкиноски, вели дека најавата за обвинение за предметот „Плацови на Водно“ е само причина да се затскрие белешката од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и тој да остане во притвор.
Тој тврди дека неговиот клиент е невин и обвинителството нема никакви докази кои го поврзуваат со предметот.
„Извршивме увид во предметот и морам да ви пренесам дека нема ниту една причинско последична врска која го врзува мојот клиент за предметот ’Плацовите на Водно‘. Процесот не е целосен бидејќи постојат плацови кои не се опфатени во истрагата, а се дел на одредени групи блиски на сегашната политичка гарнитура. Се работи за селективност. Најавата за обвинителниот акт е причина да се затскрие белешката од АНБ на начин што се сака да се задржи мојот клиент во притвор односно да има друга причина за ограничување на неговата слобода“,
вели Менкиноски.
Истрагата за случајот е завршена, а најава дека ќе се поднесе обвинение на почетокот на идната недела ја даде шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, во гостувањето во емисијата „360 степени“.
Одбраната на Камчев и понатаму тврди дека единствениот доказ поради кој бизнисменот се држи во притвор е белешката од АНБ и вели дека е голема лага изјавата на Русковска дека истата не е доказ во постапката.
„Ова е една голема лага, а за да ве увериме во истата, ви ги доставуваме сите решенија на судот со кои е ограничена слободата на господинот Јордан Камчев, каде што експлицитно еден и единствен доказ е белешката на АНБ. Ние не знаеме дали ги има исплашено содржината на белешката, па сега се обидуваат да лажат дека истата не е доказ во постапката, а како што знаеме и како што виде македонската јавност, белешката е празна и не содржи ништо“,
изјави Менкиноски додавајќи дека според Законот за АНБ забрането е да се користат податоци од Агенцијата како доказ.
Бидејќи ја користеле белешката, одбраната се заканува со кривична одговорност како за АНБ, така и за судијата и обвинителката Лиле Стефанова, која го води предметот „Плацови на Водно“.
„Дури и да ги добиле овие информации, во АНБ имале должност овие сознанија да ги поткрепат со докази, кои ќе ги обезбедат преку барање до Врховниот Суд да дозволи ПИМ мерки за следење на лицето Јордан Камчев, или преку оперативно следење. Спротивно на тоа, тие без обезбедување на докази ја дале оваа информација до јавниот обвинител Лиле Стефанова. Чиста злоупотреба на службената положба на во АНБ, за која злоупотреба некој ќе мора да сноси одговорност. Кривична одговорност постои и за Јавниот обвинител Стефанова, која врз основа на напишани непотврдени сознанија без обезбедени докази предложила мерка притвор. Кривична одговорност и за судијата на претходна постапка кој ја одобрил мерката без да има докази за тврдењето дека лицето Камчев подготвува бегство! Кривична одговорност и за судиите од Кривичниот совет кој по истиот скандалозен основ, ја продолжија мерката притвор“,
порачува одбраната.
Одбраната очекува наскоро да добие информации од собраниската комисија надлежна за надзор на АНБ околу декласификација на белешката. Тие нагласуваат и оти случајот со Камчев е под опсервација и на меѓународната заедница.
Адвокатот Менкиноски и денеска потенцираше дека АНБ немала надлежност да го следи Камчев бидејќи таа е должна за откривање и спречување закани и ризици по националната безбедност, како шпионажа, тероризам, насилен екстремизам …
Како еден од осомничените во „Плацовите на Водно“, а поради опасноста од бегство, Орце Камчев е во притвор од 14 март 2021 година. Кога му истекуваше првата мерка од 30 дена притвор, обвинителството побара нов, кој беше одобрен на 12 април и истиот истекува во текот на наредната недела.
Истрагата за случајот „Плацови на Водно“ беше отворена во октомври лани и, според наводите од обвинителството, во периодот од 2006 до 2012 година со пари од членарина и партиски донации на ВМРО-ДПМНЕ биле купувани атрактивни парцели на Водно односно земјиште од 11 000 квадратни метри.
Оваа истрага неодамна се прошири, се вршеа претреси во зграда на Бихаќка, а потоа беше соопштено дека се откриени два нови стана и уште еден плац од 3 000 квадратни метри на Водно, кои се сметаат за сопственост на Груевски. Тој имот е замрзнат.
Покрај Камчев, меѓу осомничените се и: неговата мајка Ратка Камчева, Никола Груевски, неговиот кум Ристо Новачевски, Сашо Мијалков…