Четири години по настаните од 27 април во Собранието, во услови на донесена второстепена пресуда и тековен судски процес за организаторите, на јавна сцена деновиве повторно е актуелна дилемата – дали е соодветна квалификацијата на кривичното дело за кое се осудени 16-мина учесници во настаните и дали тие се терористи. Членот 313 од Кривичниот законик, за што им е изречена казна затвор од вкупно 188 години на овие 16 лица, и на кој се темели и обвинението за организацијата на настаните, носи назив: терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Одредбата е дел од главата Кривични дела против државата во Кривичниот законик, за разлика од членовите за тероризам и за терористичка организација, кои се во главата Кривични дела против јавниот ред, но во јавноста одново и одново се враќа прашањето дали овие луѓе треба да одговараат за тероризам, дали делото што го направиле е тероризам итн.
Ова е една од темите за кои вечерва ќе разговараме со шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска. Ќе зборуваме и за други актуелни прашања од таа сфера, како неодамнешниот избор и промоција на јавни обвинители, истрагите за Рашковски, за плацовите на Водно, притворот на Камчев…
Емисијата е емитувана 7 мај 2021 г. од 22 часот на ТВ Алсат