Шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, во интервју на „360 степени“ вели дека не ја видела оригиналната белешка од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) врз чија основа е побаран притвор за бизнисменот Орце Камчев и затоа не може да потврди дали документот што вчера беше објавен на социјалните мрежи е автентичен или не.
„Не знам дали е автентична, јас ја видов вчера по медиумите и социјалните мрежи. Јас ја немам прочитано, а од тоа што разговарав со колешката и од нејзините информации се дека наводно ја нема ниту таа, бидејќи ја оставила во судот. Ова е тоа што јас го знам, никогаш ја немам видено и не можам да зборувам за автентичност“,
рече Русковска.
На прашање, доколку документот е автентичен, дали од содржината што беше во него има основа за барање на притвор, Русковска рече дека наводно белешката од АНБ била само еден дел од образложението зошто е побарана мерка притвор.
„Колешката што го води случајот рече дека белешката е само дел од целото образложението зошто е побарана мерка притвор. Но, јас не сум ја видела белешката и не знам дали таа што вчера беше објавена е автентична и дали има некаков пропратен документ со неа“,
рече Русковска.
Орце Камчев е во притвор од 14 март 2021 година како еден од осомничените во истрагата „Плацови на Водно“ која е пред обвинение. Кога му истекуваше првата мерка од 30 дена притвор, обвинителството побара нов, кој беше одобрен на 12 април.