„Терористичките групи како Даеш (‘Исламска држава’) продолжуваат дополнително да го експлоатираат интернетот и социјалните мрежи за да ги зголемат своите следбеници, како и да шират пропаганда заснована на дезинформации и регрутирање“, рече пред Советот за безбедност заменик-амбасадорката на Франција во ОН, Натали Естивал-Бродхерст
По спречениот обид за терористички напад во Виена, поради што беа откажани трите концерти на американската поп-ѕвезда Тејлор Свифт, Обединетите нации (ОН) на седница на Советот за безбедност (СБ) предупредија дека е зголемен ризикот од тероризам од страна на „Исламска држава“ – Корасан, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Инаку, „Исламска држава“ – Корасан е авганистански огранок терористочката група, која е позната и под акронимите ИСИС, ИСИЛ или Даеш.
Потсекретарот на канцеларијата на Обединетите нации за борба против тероризмот, Владимир Воронков, на седницата оцени дека ризиците споменати во извештаите во изминатите години „за жал станаа очигледни“.
„Првиот ризик е дека ИСИЛ – К, огранокот на Исламска држава во Авганистан, ќе изврши терористички напади во странство“,
рече тој.
Седницата на Советот за безбедност на ОН се одржа откако австриските власти соопштија дека терористичката организација била инспирација на осомничените кои планирале напад за време на концертите на Тејлор Свифт во Виена.
Трите концерти, од кои првиот требаше да се одржи синоќа, беа откажни, откако австриските власти ден претходно спроведоа акција, по која потврдија дека имало план за напад на местото на одржување на концертите – стадионот „Ернст Хапел“ во Виена.
Полицијата во средата, на 7 август приведе две лица осомничени дека го планирале нападот. Двете лица се австриски државјани, а првоосомничениот 19-годишник, како што потврдија австриски служби за безбедност, е со потекло од Македонија.
Вчера „360 степени“ објави дека првоосомничениот е Беран Алији, кој е роден во Австрија, но по потекло е од Гостивар. Информацијата ја потврдивме од три независни едни од други извори, кои имаат пристап до доверливи документи.
Министерството за внатрешни работи на земјава вчера информира дека добило и постапува по барање од австриските власти за проверка на лице кое е по потекло од Македонија, осомничено за планиран терористички напад во Виена.
Вториот уапсен е 17-годишник, која бил вработен во фирма ангажирана да врши услуги на стадионот за време на концертот на американската поп-ѕвезда.
Денеска властите во Австрија соопштија дека е уапсен третоосомничен за планираните напади и дека станува збор за 18-годишен Ирачанец кој „е од истиот круг со главниот осомничен“.
Австрискиот весник „Кронен цајтунг“ пренесе дека уапсениот Ирачанец престојувал во Австрија како бегалец со заштитен статус. Веќе е започната постапка за одземање на статусот бегалец и се очекува што е можно поскоро тој да биде депортиран. Според информации на весникот, исто како и Алији, и ова лице се заколнало на лојалност на „Исламската држава“ на 6 август.
Главниот осомничен Алији, како што објасни австрискиот генерален директор за јавна безбедност Франц Руф на вчерашната заедничка прес-конференција со министерот за внатрешни работи Герхард Карнер и директорот на Управата за државна безбедност и разузнавање Омар Хаијави-Пирчнер, имал намера нападот да го изврши со експлозив, но и со користење ладно оружје.
Според Руф, сознанијата се дека 19-годишното момче се радикализирало преку интернет и од неодамна се заколнало на верност на „Исламска држава“ (ИД).
„Терористичките групи како Даеш продолжуваат дополнително да го експлоатираат интернетот и социјалните мрежи за да ги зголемат своите следбеници, како и да шират пропаганда заснована на дезинформации и регрутирање“,
изјави пред Советот за безбедност заменик-амбасадорката на Франција во ОН, Натали Естивал-Бродхерст.
На своите канали на Телеграм терористичката група објавила дека осомничените за планираните напади се „осамени волци на ИД“. Откажувањето на концертите на Свифт се оценуваат како доказ за растечката закана и досега на групата.
Во објава на затворени канали, терористичката група се фалела со потезите на нивните поддржувачи, истовремено потсмевајќи се на Ал Каеда и другите ривали зашто не успаеле да инспирираат напади на „осамени волци“ во западните земји, соопштил Институтот за медиуми и истражувања на Блсикиот Исток (МЕМРИ), пренесува регионалниот сервис на РСЕ.