Првоосомничен за планираните напади, како што соопштија претставници на австриските безбедносни служби, е 19-годишник кој вчера беше уапсен во Терниц. Неговото име е Беран Алији, кој е роден во Австрија, но по потекло е од Гостивар, дознава „360 степени“. Информацијата ја потврдивме од три независни еден од друг извори, кои имаат пристап до доверливите документи
Министерството за внатрешни работи информира дека добило и постапува по барање од австриските власти за проверка на лице кое е по потекло од Македонија, осомничено за планиран терористички напад во Виена.
„Ве известуваме дека од страна на австриските власти до Министерството за внатрешни работи е пристигнато барање за проверка на лице кое е по потекло од Македонија, а е осомничено за планиран терористички напад во Виена. Од наша страна се постапува по однос на доставеното барање“,
велат од МВР.
Австриската полиција вчера уапси две лица, осомничени дека планирале терористички напад во Виена, а фокусот им бил на концертите што американската музичка ѕвезда Тејлор Свифт требаше да ги одржи на стадионот „Ернст Хапел“ во австриската престолнина.
Првоосомничен за планираните напади, како што соопштија претставници на австриските безбедносни служби, е 19-годишник кој вчера беше уапсен во Терниц. Според информациите на тамошните власти, станува збор за австриски државјанин со потекло од С Македонија.
Неговото име е Беран Алији, кој е роден во Австрија, но по потекло е од Гостивар, дознава „360 степени“. Информацијата ја потврдивме од три независни еден од друг извори, кои имаат пристап до доверливите документи.
Покрај него, уапсени се уште две лица, едното на 17-годишна, а другото на 15-годишна возраст.
Генерален директор за јавна безбедност Франц Руф, министерот за внатрешни работи Герхард Карнер и директорот на Управата за државна безбедност и разузнавање Омар Хаијави-Пирчнер денеска на прес-конференција информираа за досегашниот тек на истрагата во врска со планираните напади.
Како што објасни австрискиот генерален директор за јавна безбедност, Франц Руф првоосомничениот имал намера нападот да го изврши со експлозив, но и со користење на ладно оружје. Планирал да го изврши масакрот пред стадионот во моментот додека околу него имало голем број обожаватели на музичката ѕвезда.
Според генералниот директор за јавна безбедност, осомничениот 19-годишник ја напуштил работата на 25 јули, велејќи дека има големи планови. Тој го променил својот изглед и го приспособил на правилата на „Исламска држава“.
Директор на Управата за државна безбедност и разузнавање рече дека дојавата за плановите на првоосомничениот 19-годишник со потекло од С Македонија, дошла од странска тајна служба.
Што се однесува до уапсениот 17-годишник, тој според австриските власти бил вработен во фирма на стадионот „Ернст Хапел“, на кој требаше да се одржат концертите на американската поп-ѕвезда. Тој се бранел со молчење во врска со наводите за вмешаност во планирањето на терористичкиот напад.
Фирмата во која бил вработен требало да врши услуги на стадионот денеска навечер за кога беше закажан првиот од трите концерти на Тејлор Свифт. Кај него биле најдени обемни материјали од Исламска држава и на Ал Каеда.
Вчера при претрес на домот на првоосомничениот биле запленети хемиски супстанции, а превентивно биле расчистени и куќите во близина поради страв од присуство на поголеми количини експлозиви.
По вчерашните апсење, австрискиот канцелар Карл Нехамер во објава на социјална мрежа Икс објасни дека безбедносната ситуација поврзана со планираниот напад била многу сериозна и дека навремената реакција спречила голема трагедија.
Тој на социјалната мрежа Икс напиша дека успешната акција е плод на меѓународна соработка на австриската полиција со странски разузнавачки и безбедносни служби, а со тоа е избегната и голема трагедија.