Според директорот за јавна безбедност на Австрија, уапсениот 19-годишник, чии родители биле со потекло од Северна Македонија, е посочен како „непосреден главен сторител“, односно главен осомничен, кој ги извршил подготовките за нападите чиј фокус биле концертите на Тејлор Сфифт на стадионот „Ернст Хапел“ во Виена. Според Руф, сознанијата се дека 19-годишното момче се радикализирало преку интернет и од неодамна се заколнало на верност на „Исламска држава“ (ИД)
За вториот уапсен, кој е на 17-годишна возраст, постојат сомнежи дека и тој имал важна улога во подготовките за нападите
Еден ден по апсењето на две лица осомничени дека планирале напади на концертите на американската музичка ѕвезда Тејлор Свифт во Виена, дел од медиумите во Австрија пишуваат дека се очекува тамошните власти да споделат со јавноста дополнителни детали поврзани со плановите за напад.
Она што засега е познато е дека вчера во градот Терниц имало претреси на куќи и дека е уапсено 19-годишно лице со потекло од Северна Македонија, а подоцна во Виена, како што се наведува, било уапсено уште едно лице на 17-годишна возраст.
Прашањата на кои сè уште се очекуваат одговори, според австрискиот весник „Стандард“ (Der Standard), e како изгледале плановите за напад, односно која била намерата на осомничените, како биле следени, што точно било пронајдено при претресите во куќата вчера и дали има други осомничени, кои се во бегство и по кои полицијата трага.
На дел од овие прашања утрово одговорил генералниот директор за јавна безбедност Франц Руф. Тој во емисијата „Утрински журнал“ на првиот канал на австрискиот национален сервис ОРФ рекол дека по двете апсења во средата соодветно е минимизирана опасноста од конкретната закана, но дека сепак постои апстрактна закана.
Покрај апсењата, како што соопштил Руф без да навлегува во детали, биле направени и други проверки.
Според полициски извори на „Стандард“, се претпоставува дека дека има и други осомничени во случајот по кои се трага.
Инаку, за двајцата уапсени Руф изјавил дека се Австријци. Деветнаесетгодишникот, чии родители биле со потекло од Северна Македонија, е посочен како „непосреден главен сторител“, односно главен осомничен, кој ги извршил подготовките за нападите чиј фокус биле концертите на Тејлор Свифт на стадионот „Ернст Хапел“ во Виена.
Според Руф, сознанијата се дека 19-годишното момче се радикализирало преку интернет и од неодамна се заколнало на верност на „Исламска држава“ (ИД).
Дополнително, директорот за јавна безбедност изјавил дека постојат сомнежи дека уапсениот 17-годишник имал важна улога во подготовките за нападот.
„Истрагата ќе продолжи да се одвива со полна брзина, особено во блиското опкружување на двајцата“,
рекол Руф утрово, без да открие конкретни детали од истрагата.
Инаку, од синоќешната прес-конференција на директорот за јавна безбедност е познато дека во полициската акција вчера биле запленети хемиски супстанции од домот на првоосомничениот, а превентивно биле расчистени и куќите во близина поради страв од присуство на поголеми количини експлозиви.
По вчерашните апсење, австрискиот канцелар Карл Нехамер во објава на социјална мрежа Икс објасни дека безбедносната ситуација поврзана со планираниот напад била многу сериозна и дека навремената реакција спречила голема трагедија.
Тој на социјалната мрежа Икс напиша дека успешната акција е плод на меѓународна соработка на австриската полиција со странски разузнавачки и безбедносни служби, а со тоа е избегната и голема трагедија.
„Голема благодарност до службите за итни случаи кои и понатаму ги истражуваат овие случаи. Живееме во време кога се користат насилни средства за напад на нашиот западен начин на живот“,
напиша Нехамер.
Тој вели дека исламистичкиот тероризам ги загрозува безбедноста и слободата во многу западни земји и дека токму затоа нема да се откажат од вредностите како слобода и демократија, туку се решени уште пожестоко да ги бранат.
„Овие вредности се основата на нашето општество и не прават отпорни на екстремизмот и тероризмот. Важно е да бидеме будни, да застанеме заедно и да преземеме решителна акција против радикалниот исламизам“,
рече австрискиот канцелар.