Според опозициската партија, нема да се најде купувач за Алта банка АД Битола бидејќи, како што велат, никој не сака да купи „криминално портфолио на банка во сопственост на човек што до вчера држеше мала менувачница во Земун“
Во однос на второто сценарио – банката да оди во стечај, според социјалдемократите, тоа веќе се случило бидејќи Алта банка во Србија е во стечај откако Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа
Од Социјалдемократскиот сојуз во прашање го доведуваат и тврдењето на Мицкоски дека штедачите и доверителите треба да бидат спокојни оти ќе бидат обесштетени во случај Алта банка АД Битола да отиде во стечај
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) преку писмено соопштени ги коментира двете сценарија за Алта банка АД Битола што, како што велат, премиерот Христијан Мицкоски, ги изнесе вчера, од кои првото е да се купувач на банката, а второто е таа да оди во стечај.

Премиерот вчера на заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Михалис Рокас по повод извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава, одговарајќи на новинарско прашање за случувањата со Алта банка, порача штедачите и доверителите на банката да не подлегнуваат на, како што рече, хистеријата што ја создава СДСМ и да бидат спокојни бидејќи и во најлошото можно сценарио, а тоа е Алта банка да замине во стечај, сите ќе бидат обесштетени.
Според СДСМ, ниту едно од сценаријата на Мицкоски „не држи“.
„Првото сценарио – да се најде купувач. Нема купувач. Стандардно од ВМРО и Мицкоски е некој друг да им биде виновен. Но, вистината е дека никој не сака да купи криминално портфолио на банка во сопственост на човек што до вчера држеше мала менувачница во Земун. Ниту една сериозна банка не би го презела тоа. Репутацијата е руинирана, капиталот е под сомнеж, истрагите се во тек во Србија, Црна Гора и ЕУ“,
се вели во соопштението од Бихаќска.
Во однос на второто сценарио – банката да оди во стечај, според социјалдемократите, тоа веќе се случило бидејќи Алта банка во Србија е во стечај откако Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа.
Од Социјалдемократскиот сојуз во прашање го доведуваат и тврдењето на Мицкоски дека штедачите и доверителите треба да бидат спокојни оти ќе бидат обесштетени во случај Алта банка АД Битола да отиде во стечај.
„Прво, граѓаните ќе добијат пари до влог од 30 000 евра од Агенцијата за осигурување на депозити. Второ, поголемите суми нема да ги добијат во целост – само осигурениот дел. Трето, она што Мицкоски не го споменува се парите на јавните претпријатија. Повторно пари на граѓаните на Македонија. Значи Мицкоски, како и обично, лаже. Не кажува што се случува со тие пари. Колку пари губи државата? Колку е активата на банката? Кога вели дека и останатите ќе се наплатат од стечајната маса – врз основа на што?“,
велат од СДСМ.
Оттаму како пример го наведуваат случајот со Алта Банка во Србија, каде што претходно се тврдеше дека таа имала речиси 400 милиони евра во трезорот, но на крајот се потврдило дека сопственикот на банката, Давор Мацура, кој е во притвор, веќе ги изнел.
Од Социјалдемократскиот сојуз, во тој контекст, го прашуваат премиерот Мицкоски колку пари на граѓаните се во Алта банка АД Битола и истовремено порачуваат дека бројките не смеат да се кријат.

Единственото сценарио што Мицкоски не го кажал вчера, додаваат од СДСМ, е дека тој и гувернерот на Народната банка Трајко Славески со сигурност ќе одговараат за случувањата со Алта банка.
„Тоа сценарио не го кажа – само е прашање на време. И се чини дека ќе биде наскоро“,
се вели на крајот од соопштението од СДСМ.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера првпат се огласи во врска со случувањата со Алта банка, кои изминативе денови ја брануваа јавноста. Одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата со евроамбасадорот Михалис Рокас, премиерот рече дека многу внимателно ги следи обвинувањата во врска со состојбите во Алта банка кои доаѓаат од СДСМ и ги обвини опозиционерите дека намерно создаваат страв и паника кај граѓаните.
Во оваа насока, Мицкоски го повика јавното обвинителство да се позанимава со, како што кажа, кривичното дело саботажа кое го прави опозицијата.

Обраќајќи им се на штедачите и доверителите на Алта банка, премиерот им порача да не подлегнуваат на, како што рече, хистеријата што ја создава СДСМ и да бидат спокојни бидејќи и во најлошото можно сценарио, а тоа е Алта банка да замине во стечај, сите ќе бидат обесштетени. Мицкоски рече дека ова е едно од двете можни сценарија за судбината на Алта банка.
