Трамп не ги образложи деталите од разговорите, но рече дека договорот ќе биде голем и сите ќе бидат одушевени од него. Во исто време, тој изјави дека не се сретнал со украинските претставници, кои исто така допатуваа во Вашингтон
Во меѓувреме, украинскиот претседател во интервју дадено за време на неговото учество на самит во Шпанија, рече дека Киев мора да се прилагоди на променетата политичка ситуација во Соединетите Држави откако демократите ја презедоа контролата врз Конгресот на среднорочните избори
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е можно постигнување на, како што наведе, голем договор за ставање крај на војната во Украина. Тоа ова го кажа по средбата зад затворени врати што синоќа ја имал со специјалниот преставник на рускиот претседател, Кирил Дмитриев во Белата куќа, додавајќи дека договорот може да вклучи и други европски земји, пренесе Ројтерс.

Трамп не ги образложи деталите од разговорите, но рече дека договорот ќе биде голем и сите ќе бидат одушевени од него. Во исто време, тој изјави дека не се сретнал со украинските претставници кои исто така допатуваа во Вашингтон.
Во меѓувреме, американските претставници во Брисел одржаа разговори со претставници на Украина, НАТО и европските партнери. Зетот на Трамп, Џаред Кушнер, разговорите ги оцени како продуктивни и суштински, истакнувајќи дека тие се однесуваат на безбедносните гаранции за Украина и пошироката европска безбедносна структура.
Кушнер додаде дека САД работат со вклучените страни за да најдат практични решенија за завршување на војната и намалување на ризикот од идни конфликти.
Дмитриев ѝ се заблагодари на Меланија Трамп за нејзината улога во примирјето во Олешки
Претходно вчера, на настан во Белата куќа, специјалниот руски преставник Дмитриев ѝ се заблагодари на првата дама Меланија Трамп за нејзиниот придонес во постигнувањето привремено примирје во украинскиот град Олешки, кој е под руска окупација.
Примирјето траеше од вторник до недела навечер минатата недела. Русија и Украина ѝ се заблагодарија на Меланија Трамп за напорите за евакуација на луѓето заробени во градот, каде што храната и медицинските залихи беа при крај.
Дмитриев, близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, веќе разговараше со американски претставници во Белата куќа во април 2025 година, но зад затворени врати. Според американските медиуми, ова беше негово прво појавување на официјално најавен настан во Белата куќа.

Меѓу поканетите украински претставници беа и Давид Арахамија, шефот на парламентарната група на партијата на претседателот Володимир Зеленски, и народниот правобранител Дмитро Лубинец.
Со посредство на САД, Украина и Русија треба да ги продолжат разговорите во Абу Даби следната недела за завршување на војната што започна со руската инвазија на земјата во февруари 2022 година.
Зеленски: Украина мора да се прилагоди на новите политички околности во Вашингтон по победата на демократите на меѓуизборите
Во меѓувреме, украинскиот претседател, Володимир Зеленски во интервју за украинската телевизија ТСН (TSN) изајви дека Киев мора да се прилагоди на новите политички околности во Соединетите Држави за да го зајакне дијалогот со Вашингтон и да обезбеди дополнителна воена помош, особено за воздушна одбрана.
Зеленски во последните месеци се обидуваше да се справи со нестабилните односи со американскиот претседател Доналд Трамп, особено по состанокот во Овалната соба во февруари 2025 година, кога беше обвинет дека не е доволно благодарен за помошта од Вашингтон, потсетува Ројтерс.
Украинскиот претседател во интервјуто дадено за време на неговото учество на самит во Шпанија, рече дека Киев мора да се прилагоди на променетата политичка ситуација во Соединетите Држави откако демократите ја презедоа контролата врз Конгресот на среднорочните избори.
Тој ја нагласи важноста на континуираната американска поддршка за Украина, без оглед на партиските поделби, оценувајќи дека Киев има можност дополнително да ја зајакне поддршката и на републиканците и на демократите. Покрај новите пакети за помош, Украина очекува исплата од 16 милијарди долари што Вашингтон, според него, ги вети, но не ги исполни.

Ракетите за системот „Патриот“ се главен приоритет на Украина
Главен приоритет на Украина е зајакнување на воздушната одбрана, првенствено со обезбедување доволно ракети за американскиот систем „Патриот“.
„Ако не го решиме прашањето со ‘Патриот’, ќе ни биде многу тешко“,
рече Зеленски, додавајќи дека европските земји, некои земји надвор од Европа и, секако, САД би можеле да помогнат во обезбедувањето на овие ракети.
Американскиот Стејт департмент минатата недела одобри продажба на 500 ракети „Патриот ПАК-3“ на Украина, во вредност од околу 2,1 милијарди долари, но нивната испорака не се очекува до почетокот на 2030 година.
Зеленски, исто така, рече дека работи на обезбедување доволен број оперативни борбени авиони Ф-16 во следните пет до шест месеци. Тој предупреди дека Украина се соочува со уште една зима руски напади врз енергетската инфраструктура, а ситуацијата во Киев ја оцени како најтешка.
