„360 степени“ ја потврди информацијата од три независни едни од други извори, кои имаат пристап до доверливи документи
Како што објасни австрискиот генерален директор за јавна безбедност Франц Руф на денешната прес-конференција, заедно со министерот за внатрешни работи Герхард Карнер и директорот на Управата за државна безбедност и разузнавање Омар Хаијави-Пирчнер, првоосомничениот имал намера нападот да го изврши со експлозив, но и со користење ладно оружје
Главниот осомничен за терористичките напади кои требало да се случат на концертите на американската поп-ѕвезда Тејлор Свифт признал дека го планирал злосторството, соопштија денеска австриските власти.
Деветнаесетгодишникот кој вчера беше уапсен во Терниц, како што претходно беше соопштено, е државјанин на Австрија, а по потекло е од Северна Македонија.
Неговото име е Беран Алији, кој е роден во Австрија, но по потекло е од Гостивар, дознава „360 степени“. Информацијата ја потврдивме од три независни едни од други извори, кои имаат пристап до доверливи документи.
Покрај него, уапсени се уште две лица, едното на 17-годишна, а другото на 15-годишна возраст.
Како што објасни австрискиот генерален директор за јавна безбедност Франц Руф на денешната прес-конференција, заедно со министерот за внатрешни работи Герхард Карнер и директорот на Управата за државна безбедност и разузнавање Омар Хаијави-Пирчнер, првоосомничениот имал намера нападот да го изврши со експлозив, но и со користење на ладно оружје.
„Неговата цел била да се убие себеси и голем број други луѓе“,
изјави Хаијави-Пирчнер, пренесува австриски „Пресе“ (Die Presse).
Според досегашните сознанија на истрагата, тој немал билет за концертите на Свифт, но и не му бил потребен од негова перспектива бидејќи планирал да го изврши масакрот пред стадионот во моментот додека околу него имало голем број обожаватели на музичката ѕвезда.
„Неговиот план бил да ги убие и луѓето надвор од стадионот“,
рече шефот на Управата за државна безбедност и разузнавање на Австрија.
Според генералниот директор за јавна безбедност, осомничениот 19-годишник ја напуштил работата на 25 јули велејќи дека има големи планови. Тој го променил својот изглед и го приспособил на правилата на „Исламска држава“.
Според директор на Управата за државна безбедност и разузнавање, дојавата за плановите на првоосомничениот 19-годишник со потекло од С Македонија дошла од странска тајна служба.
Тој отворено и јасно ги кажал своите ставови за „Исламската држава“ и дека следел и проследувал содржина поврзана со терористичката организација.
Што се однесува до уапсениот 17-годишник, тој според австриските власти бил вработен во фирма на стадионот „Ернст Хапел“, на кој требаше да се одржат концертите на американската поп-ѕвезда. Тој се бранел со молчење во врска со наводите за вмешаност во планирањето на терористичкиот напад.
Фирмата во која бил вработен требало да врши услуги на стадионот денеска навечер, за кога беше закажан првиот од трите концерти на Тејлор Свифт. Кај него биле најдени обемни материјали од „Исламска држава“ и на Ал Каеда.
Вчера било приведено и трето лице на 15-годишна возраст, кое изјавило дека главниот осомничен редовно се информирал во врска со технологијата за експлозиви.
Вчера при претрес на домот на првоосомничениот биле запленети хемиски супстанции, а превентивно биле расчистени и куќите во близина поради страв од присуство на поголеми количини експлозиви.
„Сите одземени материјали во моментов се на вештачење и проценка. Сè уште е неопходна опсежна истражна работа“,
нагласи Хајави-Пирчнер.