Австрискиот весник „Кронен цајтунг“ пренесува дека уапсениот Ирачанец престојувал во Австрија како бегалец со заштитен статус
Осумнаесетгодишен Ирачанец е приведен во Виена поради постоење на сомнежи дека е поврзан со групата која планираше терористички напад на стадионот „Ернст Хапел“ во главниот град на Австрија, за време на концерт на американската пејачка Тејлор Свифт. Австриското министерство за внатрешни работи соопшти дека 18-годишникот бил запознаен со плановите на главниот осомничен, 19-годишниот Австриец со потекло од Гостивар, Беран Алији. Дополнително се истражува дали и тој бил вклучен во активностите на младите исламисти.
Австрискиот весник „Кронен цајтунг“ пренесува дека уапсениот Ирачанец престојувал во Австрија како бегалец со заштитен статус. Веќе е започната постапка за одземање на статусот бегалец и се очекува што е можно поскоро тој да биде депортиран. Според информации на весникот, исто како и Алији, и ова лице се заколнало на лојалност на „Исламската држава“ на 6 август.
Вчера „360 степени“ објави дека првоосомничениот е Беран Алији, кој е роден во Австрија, но по потекло е од Гостивар. Информацијата ја потврдивме од три независни едни од други извори, кои имаат пристап до доверливи документи.
Како што објасни австрискиот генерален директор за јавна безбедност Франц Руф на денешната прес-конференција, заедно со министерот за внатрешни работи Герхард Карнер и директорот на Управата за државна безбедност и разузнавање Омар Хаијави-Пирчнер, првоосомничениот имал намера нападот да го изврши со експлозив, но и со користење ладно оружје.
„Неговата цел била да се убие себеси и голем број други луѓе“,
изјави Хаијави-Пирчнер, пренесува австриски „Пресе“ (Die Presse).
Според досегашните сознанија на истрагата, тој немал билет за концертите на Свифт, но и не му бил потребен од негова перспектива бидејќи планирал да го изврши масакрот пред стадионот во моментот додека околу него имало голем број обожаватели на музичката ѕвезда.
„Неговиот план бил да ги убие и луѓето надвор од стадионот“,
рече шефот на Управата за државна безбедност и разузнавање на Австрија.
Покрај него беа уапсени уште две млади лица, едното на 17-годишна, а другото на 15-годишна возраст.
Свифт вчера, денеска и утре требаше да пее на виенскиот стадион „Ернст Хапел“, но концертите беа откажани поради безбедносната состојба.