Комисијата смета дека е неприфатливо кандидат кој е незадоволен од работата на Комисијата, нејзината работа да ја квалификува на недостоен начин. Во реакцијата на Комисијата не е наведено името на кандидатот, но од наративот и од забелешките во одговорот може да се препознае дека тој се однесува на поранешната уставна судијка и ексдиректорка на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска, која вчера на Фејсбук напиша: „за да се враќа листата толку пати, значи Комисијата не си ја завршила работата како треба, според Упатството на Советодавниот панел. Срамота“
Комисијата за избор на кандидати за судија од Македонија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур нема да ги коментира изјавите и ставовите на кандидати кои се пријавиле и учествувале на огласот и постапката за избор. Ова е ставот што денеска го наведоа од Комисијата, откако кон неа беа упатени критики од кандидат кој учествувал на огласот.

Во реакцијата не е наведено името на кандидатот кој ги упатил критиките, но извесно е дека тие се однесуваат на повторното враќање на листата од тројца кандидати за судија во ЕСЧП, откако Советодавното тело од меѓународни експерти утврдил дека предложената кандидатка, адвокатката Ана Дангова-Хуг не ги исполнува условите и го известило за тоа Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на земјава.
И додека од Комисијата се децидни дека нема да коментираат изјави и ставови на кандидати кои се пријавиле и учествувале во постапката, оттаму укажуваат на неколку, како што велат, факти.
„Прво воопшто не е невообичаена практика Експертскиот панел во постапката за избор на судии да има забелешки на предлозите за судии, и во таа насока Експертскиот панел во својата практика има досие на враќање на цели листи или на одредени кандидати од тие листи.
Второ, Експертскиот панел во извештајот по поднесената листа немаше никаква забелешка на работата и постапките на Комисијата за избор на кандидати за судија на РС Македонија во ЕСЧП.
Конечно, и покрај принципиелниот став, Комисијата сепак смета дека е неприфатливо кандидат кој е незадоволен од работата на Комисијата, нејзината работа да ја квалификува на недостоен начин. Во таа смисла доколку и Комисијата одговори на истиот начин, одговорот би бил дека тој кандидат е подобро да се соочи со срамот за неговата работа, кој е нотиран во извештај на Државниот завод за ревизија, наместо да дава неумесни квалификации за работата на Комисијата“,
се вели во реакцијата на Комисијата за избор на кандидати за судија од Македонија во Стразбур.
Од наративот и од неколку забелешки и коментари, во одговорот на Комисијата, сепак може да се препознае дека тој се однесува на поранешната уставна судијка и ексдиректорка на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска.

Габер-Дамјановска беше една од кандидатите кои се пријавија на огласот, беа поканети на интервју, но не влегоа во потесниот избор, односно не се најдоа на ниту една од трите листи со тројца кандидати, од кои две стигнаа до експертскиот панел на Советот на Европа, но беа вратени. Таа стигна до самото финале на изборот на судија од Македонија за ЕСЧП во 2016 година, беше прв предлог на надлежната комисија на Парламентарно собрание на Советот на Европа, но пленумот го избра Јован Илиевски во услови, како што се известуваше тогаш, на непримерни лобирања и сомнежи за корупција.
Габер-Дамјановска вчера јавно го искоментира враќањето на листите и оддолжувањето на постапката, а критиките ги упати до Комисијата за избор.
„За да се враќа листата толку пати, значи Комисијата не си ја завршила работата како треба, според Упатството на Советодавниот панел. Срамота“,
напиша Габер-Дамјановска на својот фејсбук-профил.
Дека реакцијата на Комисијата се однесува на нејзиниот коментар може да се препознае и од делот во неа, во кој се вели дека „тој кандидат е подобро да се соочи со срамот за неговата работа, кој е нотиран во извештај на Државниот завод за ревизија, наместо да дава неумесни квалификации за работата на Комисијата“. Овде од Комисијата, најверојатно алудираат на извештајот на ДЗР за утврдените состојби во Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) за 2024 г., каде меѓу другото беа проблематизирани некои исплати на надоместоци, процедури за јавни набавки и контролата на трошењето на јавните средства.
Инаку, Наташа Габер-Дамјановска беше директорка на АСЈО до јули 2024 година, кога си поднесе неотповиклива оставка, а неколку месеци подоцна, односно во октомври, истата година, Управниот одбор за нова директорка ја избра обвинителката Ирина Трајкоска-Стрезоски од Вишото јавно обвинителство Битола.
Постапката за избор на судија од Македонија во Стразбур трае веќе една и пол година. Оттогаш таа помина низ серија контроверзии и препреки, а сега е повторно вратена чекор назад.
Советодавниот панел на експерти при Советот на Европа оценил дека предложената кандидатка Ана Дангова-Хуг не ги исполнува во целост критериумите за судија во Стразбур, по што македонската Комисија предложила ново име. На нејзино место е предложена адвокатката Јелена Ристиќ, а информацијата вчера за телевизија Телма ја потврди претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, кој е и претседател на Комисијата за избор на кандидати за судија од Македонија во ЕСЧП во Стразбур.
Одлуката Ристиќ да биде предложена била донесена едногласно на седницата на Комисијата одржана на 20 август, откако Министерството за надворешни работи ја известило Комисијата за забелешките на експертскиот панел на Советот на Европа.
За потсетување, првин за утврдување на листата од тројца кандидати за судија во ЕСЧП работеше една Комисија. Таа ги предложи судијката Габриела Гајдова, тогашната обвинителка Ленче Ристоска и адвокатот Јордан Апостолски за кандидати, но пред да биде испратена, Владата на 22 јули лани ја поништи оваа листа и ја промени Комисијата. Поништувањето на листата, од „Илинденска“ број 2 тогаш кусо го образложија наведувајќи дека предложените кандидати не ги исполнуваат условите.
Комисијата од девет, беше намалена на пет члена (предводена од претседателот на Уставниот суд, а во која членуваат и претседателите на Врховниот, Кривичниот и на Граѓанскиот суд, како и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители).

Оваа Комисија лани во ноември за кандидати, покрај Јордан Апостолски, ги предложи адвокатката Наташа Бошкова и деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Сашо Георгиевски.
Но, во мај дојде вест дека листата со тројца предлози повторно ќе треба да се коригира бидејќи еден од кандидатите, односно Јордан Апостолски, не ги исполнува условите. Тој беше заменет со Ана Дангова-Хуг, за која меѓународниот експертски панел заклучи дека и таа како него не ги исполнува условите.
Инаку, Комисијата со која претседава Костадиновски за новата промена не ја извести јавноста, како што тоа беше случај претходно.
Претседателот на Уставен вели дека намерно зазеле став да бидат подискретни и да не објавуваат, поради искуствата на некои од другите земји во однос на кои Советодавниот панел на Советот на Европа се соочувал со бројни забелешки околу сите предоложени кандидати, што го оптоварувало процесот.
До изборот на нов судија, функцијата судија во Стразбур продолжува да ја врши обвинителот Јован Илиевски, кој беше назначен во време додека неговиот баџанак Сашо Мијалков беше директор на тогашната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК).
