Сега, на местото на адвокатката Дангова-Хуг на листата од тројца кандидати е предложена нејзината колешка по професија, адвокатката Јелена Ристиќ
Изборот на судија од Македонија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур повторно се соочува со одложувања во постапката. Причината, како што објави телевизијата Телма, е што Советодавниот панел на експерти при Советот на Европа го вратил назад предлогот на македонската Комисија за избор на судија адвокатката Ана Дангова-Хуг да биде еден од тројцата канидидати на листата за судија во Стразбур.

Таа на листата се најде во мај, откако Советодавниот панел на експерти даде идентично образложение – дека еден од тројцата кандидати не ги исполнува условите. Оттаму не кажаа за кој кандидат станува збор, но „360 степени“ тогаш од свои извори дозна дека станува збор за адвокатот Јордан Апостолски.
Сега, по, условно кажано, негативното мислење на експертскиот панел за адвокаката Дангова-Хуг, на листата од тројца кандидати е предложено ново име. Станува збор за адвокатката Јелена Ристиќ.
Овие информации за Телма ги потврди и претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, кој е и претседател на Комисијата за избор на судија од земјава во Европскиот суд за човекови права.
„Има известување од експертскиот панел дека третопредложениот кандидат, адвокатот Дангова, не ги задоволува во целост условите и критериумите пропишани од Советот на Европа за судија во Европскиот суд за човекови права. Комисијата се свика, одржа состанок на 20 август и донесе едногласна одлука адвокатот Јелена Ристиќ да биде новиот канидидат“,
вели Костадиновски.
Постапката за избор на судија од Македонија во Стразбур трае веќе една и пол година. Оттогаш таа помина низ своевидни контроверзии и многу препреки.
Прво за утврдување на листата од тројца кандидати за судија во ЕСЧП работеше една Комисија. Таа ги предложи судијката Габриела Гајдова, тогашната обвинителка Ленче Ристоска и адвокатот Јордан Апостолски за кандидати, но Владата на 22 јули лани ја поништи оваа листа и ја промени Комисијата. Поништувањето на листата, од „Илинденска“ број 2 тогаш го кусо го образложија наведувајќи дека предложените кандидати не ги исполнуваат условите.
Што се однесува до Комисијата, од претходната од деветчлена, во новата петчлена остана единствено директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Трајкоска-Стрезоски. Покрај неа се и претседателите на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на Врховниот суд, Африм Фидани, претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска, и претседателот на Основниот граѓански суд Скопје, Бесник Авдија.
Оваа Комисија лани во ноември за кандидати, покрај Јордан Апостолски, ги предложи адвокатката Наташа Бошкова и деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Сашо Георгиевски.
Но, во мај дојде вест дека листата со тројца предлози повторно ќе треба да се коригира бидејќи еден од кандидатите, односно Јордан Апостолски, не ги исполнува условите.
Претседателот на Уставен и на Комсијата се согласува дека постапката трае предолго, но е оптимист дека овојпат таа ќе резултира со избор на судија од земјава во ЕСЧП, ако не на октомвриската сесија на Советот на Европа, тогаш на онаа во јануари.
„Точно е дека премногу се одолжи, не го очекував и јас ова. Одолжувањето е од повеќе причини – од бризната на работата на експертскиот панел, бидејќи ние веднаш како Комисија реагираме, значи секогаш кога ќе има забелешка ние реагираме со нов кандидат“,
вели тој.

Инаку, Комисијата со која претседава Костадиновски за новата промена не ја извести јавноста, како што тоа беше случај претходно.
Претседателот на Уставен вели дека намерно зазеле став да бидат подискретни и да не објавуваат, поради искуствата на некои од другите земји во однос на кои Советодавниот панел на Советот на Европа се соочувал со бројни забелешки околу сите предоложени кандидати, што го оптоварувало процесот.
До изборот на нов судија, функцијата судија во Стразбур продолжува да ја врши обвинителот Јован Илиевски, кој беше назначен во време додека неговиот баџанак Сашо Мијалков беше директор на тогашната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК).
