Со правосилноста на ослободителната пресуда за Груевски, ВМРО-ДПМНЕ веќе не мора да биде загрижена дека нејзиното седиште ќе биде конфискувано, откако со години беше замрзнато додека се водеше судскиот процес за предметот „Талир“
Апелацискиот суд Скопје ја потврди ослободителната пресуда на Основен кривичен суд Скопје за поранешниот премиер Никола Груевски во случајот „Талир 2“, кој се однесува на финансирањето и изградбата на седишето на ВМРО-ДПМНЕ.

Одлуката, што со голем интерес се очекуваше во јавноста, Апелација ја донела денеска, по одржана нејавна седница, на која, како што се наведува во соопштението на второстепениот суд, биле разгледани списите на предметот, по поднесената жалба на Основното јавно обвинителство Скопје.
Што оценила Апелација
„По одржана нејавна седница на ден 26.08.2026 година, разгледување на списите на предметот, а имајќи го предвид и предлогот на Вишото јавно обвинителство Скопје, донесе пресуда со која жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје ја одби како неоснована и ја потврди пресудата на Основниот кривичен суд Скопје“,
се вели во соопштението од Апелација, објавено на веб-страницата на Судот.
Оттаму наведуваат дека при постапувањето и одлучувањето, од Судот оцениле дека дејствата што ги презел експремиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, како тогаш одговорно лице во партијата ВМРО-ДПМНЕ, како правно лице, биле во рамките на неговите овластувања. Второстепениот суд, како и Кривичен, пред речиси еден и пол месец, смета дека Основното јавно обвинителство Скопје не извело докази дека постапувањето на обвинетиот било спротивно на Законот за финансирање на политичките партии.
„Во текот на постапката Основното јавно обвинителство Скопје, како овластен тужител, не докажал надвор од разумно сомневање дека ГП ‘Бетон’ имал својство на субјект кој во моментот на склучување на договорите со политичката партија, вршел јавни услуги во смисла на горенаведениот закон, така што не постоела законска забрана за донирање средства од негова страна на политичката партија, ниту, пак, постоела обврска на обвинетиот како одговорно лице на политичката партија, тие средства да ги врати“,
се вели во соопштението од Апелацискиот суд Скопје.
Инаку, одлуката, односно пресудата на Апелација е конечна и извршна. Таа доаѓа на само пет дена до 31 август кога настапува целосна застареност на кривичното дело што му се ставаше на товар на Груевски во предметот.
Со правосилноста на ослободителната пресуда за Груевски, ВМРО-ДПМНЕ повеќе не мора да биде загрижена дека нејзиното седиште ќе биде конфискувано, откако со години беше замрзнато додека се водеше судскиот процес за предметот „Талир“.
Седум години судење
А предметот се судеше во два наврати. Него го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а по неговото згаснување го презеде Основното јавно обвинителство Скопје. Пред Кривичниот суд го застапуваше ексобвинителката Ленче Ристоска, откако поранешните обвинители од СЈО беа вратени во своите, условно кажано, матични обвинителства.
На Ристоска, која истовремено беше и обвинител во Канцеларијата за врски со Европравда, ѝ беше оставено да го води предметот кој во 2022 година резултираше со затворски казна од шест години за Груевски, додека поранешниот генерален секретар Кирил Божиновски беше осуден условно. Според тогашната неправосилна пресуда на Кривичен, требаше да биде конфискуван имотот на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и седиштето на партијата и уште околу 30 други имоти.
Но, Апелација по жалбената постапка, во 2024 година ја укина првостепената пресуда на Кривичен и го врати предметот на повторно судење пред Основниот кривичен суд. Од второстепениот суд се повикаа на контроверзните измени во членот 353 од Кривичниот законик, донесени во 2023 г. Со законските измени во меѓувреме, застаре кривичното дело злоупотреба на службената положба за Кирил Божиновски, а постапката продолжи за поранешниот премиер Никола Груевски.

Сега веќе поранешната обвинителка го застапуваше предметот и во повторениот судски процес, сè до април годинава кога реши да се поднесе оставка, и новиот државен јавен обвинител Ненад Савески одлучил да ги повлече овластувањата на дел од обвинителите во предметите што ги водат.
Оставката на Ристоска
Савески и Ристоска влегоа во отворена полемика откако државниот јавен обвинител во изјава за медиумите тогаш рече дека предметот ќе ѝ останел на обвинителката доколку таа не си поднесела оставка. Таа ги демантираше ваквите наводи на републичкиот обвинител, оценувајќи ги изјавите на Савески како целосно неточни бидејќи како обвинител за врски во Европравда, согласно членот 5 од соодветниот правилник, нејзина примарна надлежност биле само предметите регистрирани во канцеларијата за врски. Во предметот „Талир 2“, кој, како што рече таа, не спаѓа во оваа категорија, постапувала исклучиво по пат на исклучок, односно врз основа на посебна одлука и овластување од државниот обвинител.
По неколку месеци, односно на 14 јули годинава, Кривичниот суд Скопје донесе спротивна одлука од онаа од пред четири години и го ослободи Груевски од одговорност, а Апелација денеска ја потврди таквата пресуда.
Образложението на Кривичен за ослободителната пресуда
При изрекувањето на втората пресуда, и Кривичен исто така се повика на измените на Кривичниот законик од 2023 година. Оттаму објаснија дека Обвинителството го сменило дејствието на извршување на делото од искористување на службената положба во пречекорување на овластувањата и неизвршување на службената должност. Покрај тоа, била вметната и „намерата“ како посебен субјективен елемент.
„Токму врз основа на овие исти докази, овој суд еднаш донесе осудителна пресуда, за сега обвинетиот Н. Г. и за Кирил Божиновски, а на кои како дејствие на извршување на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, им се ставаше на товар дека го сториле со искористување на службената положба и овластување, кое според важечкиот КЗ, во време на донесување на пресудата беше еден од трите облици на сторување на предметното кривично дело. Меѓутоа, со изменетата изрека на обвинението, усогласено согласно измените на КЗ од 2023 година, сега обвинетиот Н. Г. се товари дека ова кривично дело го сторил со пречекорување на границите на своите службени овластувања и не ја извршил својата службена должност, а со намера за правното лице – политичката партија ВМРО-ДПМНЕ да биде прибавена противправна имотна корист“,
соопштија на 14 јули од Кривичниот суд.
Коментирајќи ја на социјалните мрежи втората првостепена пресуда на Кривичен ексобвинителката Ленче Ристоска наведе дека текот на настани во врска со предметот „Талир 2“ оди во насока на отежнување на можноста обвинителството да бара конфискација на имотот на ВМРО-ДПМНЕ во посебна постапка. Имено, како што објасни таа, конфискацијата на имотот е можна и кога кривичното гонење ќе застари, но не е можна по правосилна ослободителна пресуда.
