На 14 јули Основниот кривичен суд Скопје донесе ослободителна пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски за предметот „Талир 2“, кој се однесуваше на противправното финансирање и изградбата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ
Инаку, случајот се приближува до истекот на рокот за кривично гонење, кој настапува кон крајот на август
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе жалба на првостепената ослободителна пресуда во предметот „Талир 2“, кој се однесува на изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, соопштија попладнево оттаму.

Од Обвинителството информираат дека надлежниот јавен обвинител ја примил првостепената пресуда и во законскиот рок вложил жалба против одлуката.
Инаку, случајот се приближува до истекот на рокот за кривично гонење, кој настапува кон крајот на август.
На 14 јули Основниот кривичен суд Скопје донесе ослободителна пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски за предметот „Талир 2“, кој се однесуваше на противправното финансирање и изградбата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.
Ослободувањето, како што кажа судијката Даниела Алексовска, доаѓа како директна последица на измените на Кривичниот законик донесени во 2023 година, кои беа во директна корист на обвинетиот.
Предметот „Талир 2“ се води против екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и поранешниот генерален секретар на партијата, Кирил Божиновски.
Низ доказите Обвинителството тврдеше дека, почнувајќи од 2009 година, партијата прво го откупила земјиштето околу старото партиско седиште. Потоа, со чести измени на деталниот урбанистички план за локацијата, на парцелата се вцртува неколкукратно поголем објект од првичниот.
Следно, партијата склучува договор за соинвеститорство со градежната компанија „Бетон“, кој во тој момент е најголем добитник на државни тендери за проектот „Скопје 2014″, се обврзува на свој трошок да изгради објект на парцелата. Дел од објектот треба да го задржи за себе, а дел од 43 отсто да му го даде на ВМРО-ДПМНЕ без надомест.
Градежната фирма го изгради само делот за партијата, каде што денеска и се наоѓа нејзиното седиште. Дополнително, „Бетон“ ѝ платил на ВМРО-ДПМНЕ два милиони евра бидејќи вкупната површина предадена на партијата била за 5% помала од првично договорената.
За дејствијата преземани низ годините на изградба на т.н. бела палата, обвинителството го товари Никола Груевски за делото – злоупотреба на службената положба и овластување.
Кривичниот суд во Скопје еднаш веќе го осуди за истиот предмет, на шест и пол години затвор. Во повторената постапка, по насоките на Апелацискиот суд Скопје, го ослободи.
При изрекувањето на пресудата, судот објасни дека поради измените на Кривичниот законик од 2023 година обвинителството го сменило дејствието на извршување на делото од искористување на службената положба во пречекорување на овластувањата и неизвршување на службената должност. Покрај тоа, била вметната и намерата како посебен субјективен елемент.
