Судијката Даниела Алексовска во образложението за пресудата рече оти ослободителната пресуда е исклучиво резултат на законските измени од 2023 година, а предлогот за конфискација на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ е одбиено
Основниот кривичен суд Скопје донесе ослободителна пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски за предметот „Талир 2“, кој се однесуваше на противправното финансирање и изградбата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ. Ослободувањето, како што кажа судијката Даниела Алексовска, доаѓа како директна последица на измените на Кривичниот законик донесени во 2023 година, кои беа во директна корист на обвинетиот.

При објавувањето на пресудата беше појаснето и оти фактите и доказите кои биле изнесени пред судот останале исти, но поради законските измени, Обвинителството морало да го измени обвинението, а дополнително, обвинителството не успеало да докаже надвор од разумно сомневање оти Груевски сторил пречекорување на службената должност.
„Ваквата ослободителна пресуда е исклучиво резултат на донесувањето на Законот за изменување и дополнување на КЗ во 2023 година. Анализата и оценката на доказите од страна на судот останаа непроменети. При постоење на истите докази врз кои претходно утврдивме искористување на службената положба, сега цениме дека не се докажа оти делото е сторено со пречекорување на овластувањата“,
рече судијката Алексовска.
Со оваа пресуда, која е неправосилна, судот го одби и предлогот на Обвинителството за конфискација на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а сите трошоци за судската постапка ќе паднат на товар на Буџетот на Македонија.
На објавувањето на пресудата присуствуваа само адвокатите поставени по службена должност на експремиерот Петар Тимовски и претставниците на одбраната на партијата, Кристина Маневска и Љубица Николовска.
Претходно, за случајот „Талир 2“, во јуни 2022 година, Кривичниот суд донесе првостепена пресуда со која поранешниот премиер Никола Груевски беше неправосилно осуден на шест години затвор, додека пак поранешниот генерален секретар Кирил Божиновски доби условна казна.
Во 2024 година, повикувајќи се на измените во членот 353 од Кривичниот законик, донесени во 2023 г. Апелацискиот суд во Скопје ја укина првостепената пресуда и го врати предметот на повторно судење пред Основниот кривичен суд. Со законските измени во меѓувреме, застаре кривичното дело злоупотреба на службената положба за Кирил Божиновски, а постапката продолжи за поранешниот премиер Никола Груевски.
Во април годинава, предметот го презеде обвинителот Кристијан Смилевски од скопското Обвинителство, бидејќи претходно обвинителката Ленче Ристовска, која го водеше предметот, поднесе оставка од функцијата, откако со одлука на државниот јавен обвинител Ненад Савески, Ристоска остана без предметите „Талир 1“ и „Талир 2“ против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата како правно лице.
