Постапката за избор на новиот кандидат, се додава, во целост била спроведена согласно критериумите и препораките, на ист начин како претходниот принцип на гласање, односно со запазување на препораките од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за изземање на дел од членовите
Откако Советодавниот панел при Советот на Европа оцени дека еден од тројцата предложени кандидати за избор на судија од Македонија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур не ги исполнува условите, домашната Комисија за избор на денешната 6. седница утврдила нов кандидат.

Станува збор за Ана Дангова-Хуг, која беше дел од кандидатите кои претходно, во текот на постапката беа повикани на интервју, но не влезе во конечната листа од тројца кандидати која беше испратена на мислење до Советодавниот панел при Советот на Европа.
Имено, како што соопштија од Комисијата за избор на судија во ЕСЧП, со која претседава претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на денешната седница биле разгледувани три точки – разгледување на мислењето на Советодавниот панел, утврдување на следни чекори и разно.
„Во однос на првата точка, членовите на Комисијата изразија задоволство од фактот дека Експертскиот панел нема забелешки за постапувањето на Комисијата и за целата национална постапка, која според Експертскиот панел не покренува никакво посебно прашање“,
се вели во соопштението.
Во однос на констатацијата на Експертскиот панел дека еден од тројцата предложени кандидати не ги исполнува во целост критериумите за судија во Стразбур, Комисијата со цел да ги запази роковите, утврдила нов кандидат на место на оспорениот.
„Предлогот кој доби едногласна поддршка од членовите на Комисијата за избор е Ана Дангова Хуг“,
се вели во соопштението.
Постапката за избор на новиот кандидат, се додава, во целост била спроведена согласно критериумите и препораките, на ист начин како претходниот принцип на гласање, односно со запазување на препораките од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за изземање на дел од членовите.
Од Комисијата за избор на кандидат за судија за ЕСЧП во Стразбур информираат дека во текот на утрешниот ден, преку Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе го известат Советодавниот панел при Советот на Европа за новиот кандидат.
Инаку, Комисијата во ноември лани за кандидати ги предложи адвокатите Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и универзитетскиот професор Сашо Георгиевски.
Оттаму не откриваат кој од овие тројца кандидати не добил зелено светло од Експертскиот панел, но, како што објави „360 степени“ минатата недела, станува збор за адвокатот Јордан Апостолски.
Дека Советодавниот панел констатирал дека еден од кандидатите не ги исполнува условите за „360 степени“, тогаш потврдија од Владата, од каде што, исто така, не споделија за кого од тројцата кандидати станува збор.
„Советодавниот панел на експерти при Советот на Европа ја разгледал доставената документација и биографиите на кандидатите доставени од Владата. Панелот констатирал дека, по доставените објаснувања, националната постапка е спроведена во согласност со сите соодветни процедури и за постапката нема забелешки. Советодавниот панел дал мислење за исполнувањето на минималните услови предвидени со член 21 став 1 од Европската конвенција за човекови права. Во мислењето се наведува дека дел од кандидатите ги исполнуваат условите, додека за еден кандидат е утврдено дека не ги исполнува условите“,
рекоа од Владата за „360 степени“.
До изборот на нов судија, функцијата судија во Стразбур продолжува да ја врши обвинителот Јован Илиевски, кој беше назначен во време додека неговиот баџанак Сашо Мијалков беше директор на УБК.
