За разлика од првиот повик, кој се однесуваше на угостителството, туризмот и товарниот транспорт, новиот пакет, наречен „Ковид 2“ е за сите фирми што бележат намалување на приходите
Повикот за кредитирање на компании од пакетот „Ковид 2“ на Развојната банка се очекува да биде објавен денеска. Тој ќе биде пообемен и ќе нема ограничување на дејности. Преку него ќе може да се аплицира за најмала сума од 3 000 евра, а најмногу до 90 000 евра.
Директорот на Развојната банка Кире Наумов изјави дека огласот ќе биде објавен денеска, но оти аплицирањето ќе почне од вторник.
„Со ‘Ковид 2’ не ограничуваме ниту една дејност. Овој кредит ќе биде на три години и ќе има грејс-период од 12 месеци, а единствениот услов што ќе треба да го исполнат компаниите е да имаат намалување на приходите за 30 отсто споредено со истиот месец во 2019 година или, пак, со вкупниот месечен приход од 2019 година. Ќе го објавиме в петок, но ќе се аплицира од вторник за да може компаниите да ги приберат документите“,
рече Наумов во „Утрински брифинг“.
Сѐ уште трае и огласот за кредитирање на микрокомпаниите наречен „Ковид 1“, за кој досега пристигнати се 1 300 апликации за износ од околу девет милиони евра.
„Уште трае огласот и прибираме апликации. Просечниот кредит по компанија е околу 8,5 илјади евра. Доминантно се кредитни апликации до пет илјади евра и очекуваме дека ќе можеме да поддржиме, не ме држете за збор, над 600 компании со вкупно шест до седум илјади вработени“,
изјави Наумов.