Директорот Кире Наумов рече дека засега ќе се кредитираат најпогодените дејности, како угостителството, туризмот и товарниот транспорт
Развојната банка на Северна Македонија објави јавен повик за кредитирање мали и средни претпријатија, заради надминување на економските последици од епидемијата со коронавирусот.
Како што објави директорот на Развојната банка Кире Наумов, кредитите се за микро, мали и средни претпријатија.
„Засега ќе ги кредитираме претпријатијата во најпогодените дејности, како угостителството, туризмот и товарниот транспорт. Отплатата на кредитите ќе биде во период од 24 месеци, со грејс-период од шест месеци и со нула проценти камата“,
рече Наумов.

Висината на кредитот, како што објасни, ќе зависи од бројот на вработени во одредено претпријатие. Најмалата сума што може да се подигне е три илјади евра. Претпријатијата до 10 вработени ќе може да аплицираат за кредит до пет илјади евра, до 50 вработени – 15 илјади евра, додека за фирми со над 250 вработени може да се одобрат најмногу 30 илјади евра.
Аплицирањето ќе биде исклучиво по електронски пат, без хипотека и само со меница. Повикот и формуларите за аплицирање ќе бидат објавени на интернет-страницата на Развојната банка. Понатамошните мерки, како што рече Наумов, би требало да опфатат и претпријатија од други дејности, за кои ќе се утврди дека се најпогодени од кризата предизвикана од коронавирусот.