Законот е донесен со потребното мнозинство и притоа ниту еден пратеник или пратеничка група не гласале против. Сите институции и поединци кои имаат сомневања во однос на уставноста на Законот, можат да се обратат до Уставниот суд, велат од кабинетот на шефот на државата
И покрај укажувањата на Државната комисија за спречување на корупцијата, претседателот Стево Пендаровски го потпишал указот за прогласување на законот за изградба на коридорите 8 и 10Д. Од кабинетот на шефот на државата велат дека сите институции и поединци кои имаат сомневања во однос на уставноста на законот, може да се обратат до Уставниот суд.
„Претседателот Стево Пендаровски го потпиша Указот за прогласување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија. Законот е донесен со потребното мнозинство и, притоа, ниту еден пратеник или пратеничка група не гласале против. Сите институции и поединци кои имаат сомневања во однос на уставноста на Законот, можат да се обратат до Уставниот суд, кој е единствена надлежна институција за оценка на уставноста на законите и другите општи акти“,
соопштија од кабинетот на претседателот.
Денеска членовите на Антикорупциска на прес-конференција му порачаа на шефот на државата да не го потпишува указот со образложение дека станува збор за правен преседан. Од ДКСК кажаа дека направиле антикорупциска проверка, која укажува на серија можни коруптивни ризици и најавија дека нивното мислење и формално ќе му го достават на Пендаровски.
Антикорупционерите сметаат дека законот ги крши уставните начела за слобода на пазарот, дека има правни празнини, отворен простор за субјективизам, политичко влијание, а самото донесување по скратена постапка е висок фактор ризик за корупција.

За ДКСК дискутабилно е и под кои околности за изведувач е избран американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, со кој Владата уште во март склучи Меморандум за соработка.
Од ДКСК веќе најавија дека доколку претседателот го потпише указот за прогласување на законот, следен чекор е тие да го оспорат пред Уставен суд.
Законот вчера по скратена постапка го помина собранискиот филтер.