Според наводите на медиумот, ова би вклучувало повлекување на околу една третина од американскиот контингент во Европа или приближно 25 000 војници. Бројката би можела да достигне и до половина од вкупните американски сили на европскиот континент, односно до 40 000 војници, што би било најрадикалното намалување на американското воено присуство на територијата на Европа од крајот на Студената војна
Пентагон разгледува план за повлекување на авиони, воени бродови, оружје и десетици илјади американски војници од Европа, и покрај предупредувањата од сојузниците на НАТО за растечката закана од руска агресија, објави „Ен-би-си“, повикувајќи се на седум сегашни и поранешни западни и американски функционери.

Според наводите на медиумот, ова би вклучувало повлекување на околу една третина од американскиот контингент во Европа или приближно 25 000 војници. Бројката би можела да достигне и до половина од вкупните американски сили на европскиот континент, односно до 40 000 војници, што би било најрадикалното намалување на американското воено присуство на територијата на Европа од крајот на Студената војна во 90-ите години.
Во моментов, во Европа се стационирани околу 80 000 американски војници. Меѓу земјите кои би биле најпогодени се Германија, Италија и Шпанија, каде што се наоѓаат повеќето американски воени бази во Европа.
Планот за намалување на военото присуство на САД во Европа е дел од шестмесечната ревизија на Пентагон. Се очекува американскиот министер за одбрана Пит Хегсет денеска да ја добие првичната анализа, а потоа на почетокот на ноември и конечната препорака, по што предлогот ќе оди директно до Доналд Трамп.
Висок американски претставник од секторот за одбрана изјави дека шефот на Пентагон го иницирал ваквиот план со цел да се преиспита распоредувањето на американските сили во Европа и за да се осигура деак тоа во согласност со стратегијата на претседателот Доналд Трамп – „Америка на прво место“.
