Никола Груевски никогаш не ми дал наредба за 27 април, тврди Александар Василевски-Нинџа во сведочењето во предметот за организаторите на настаните од 27 април.
Нинџа беше обвинет во претходниот предмет за тие настани и доби 8 години затвор. Денеска тој сведочеше пред обвинетите: поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и бившиот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Во истрагата за организацијата на „крвавиот четврток“ со нив беа опфатени екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и Никола Бошкоски од УБК, за кои обвинителството тврди дека има докази, но обвинение за нив не беше поднесено бидејќи се во бегство и со тоа недостапни да дадат исказ.
„За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кажав и претходно. Лидерот на партијата држеше говор на протестите пред ДИК, таму потпалувачки говор држеше и Влатко Ѓорчев, а најпотпалувачки држеше Валентина Божиновска, која зборуваше за ‘ноќ на долги ножеви’. Но, од лидерот на партијата никогаш не сум добил насоки за 27 април“,
рече Нинџа.
Критичниот ден Груевски беше на патување во Виена, а со него беше токму братот на Нинџа, кој му беше лично обезбедување. Дента на 27 април 2017 година Нинџа добил повик од телефонскиот број на брат му, но во неговата верзија тоа не е поврзано со давање некаква наредба.
„Тој ден повикот беше во 14:39 часот, а претходно во 14:13 јас му пратив СМС-порака да ме побара. Јас му пишав порака на брат ми да ми се јави. Тој ми се јави и разговорот беше семеен, за нашата болна мајка“,
го повтори Нинџа истото што го кажуваше и кога даваше исказ како обвинет.
Одбраната во текот на испрашувањето се обиде да го дискредитира Нинџа како сведок, а уште пред да почне да сведочи бараше да не се случи тоа бидејќи за адвокатите е спорна веродостојноста. Адвокатот Еленко Миланов рече дека Нинџа може да ја искористи ситуацијата и се нуди како соработник на правдата за да добие поволности во пресрет на одлуката на Апелацискиот суд, кој треба да се изјасни за казните во предметот каде што е осуден.
Тие се повикуваа и на исказите што претходно ги даваше Нинџа, вклучително и тој кога сведочеше како обвинет. Со прашањата алудираа дека тогаш кажал дека не добивал наредби, а дека сега вели оти на дневна основа добивал насоки од УБК. Исто така, тие алудираа и дека претходно кога сведочел Нинџа рекол дека кога бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ разбрал што разговарала тогашната заменик-министерка за правда Билјана Бришковска, а денеска кажал што и со кого разговарале и Спиро Ристовски и Миле Јанакиески.