Во образложението, испратено од Министерството за правда, се наведува оти Комисијата за употреба на имиња на личности смета дека евентуалното именување на здружението со таков назив предизвикува тензии и нетолеранција во целото македонско општество

Комисијата за употреба на имиња на личности, на денешната седница даде негативно мислење за употреба на името на цар Борис Трети во називот на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трети“ од Охрид. Заклучокот од седницата на Комисијата ќе биде проследен до министерот за правда кој ќе треба да донесе решение по претходно добиеното негативно мислење од Комисијата.
Во образложението, испратено од Министерството за правда, се наведува оти Комисијата за употреба на имиња на личности смета дека евентуалното именување на здружението со таков назив предизвикува тензии и нетолеранција во целото македонско општество.
„Се наведе дека тој е одговорен за злосторства извршени за време на бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, при што се ликвидирани стотици граѓани. Посебно беше потенцирано мислењето дека неговата соработка и сојузништво со Третиот рајх и нагласената антисемитска политика се најдиректно одговорни и за депортацијата и екстерминацијата на илјадници Евреи од Македонија во логорот на смртта Треблинка“,
се додава во соопштението од Министерството за правда.
За одлуката која се чекаше од денешната седница на Комисијата, вчера министерот за правда рече дека по состанокот на Комисијата до него ќе има извештај по кој ќе треба да се донесе соодветно решение, како што беше и првиот пат, во случајот со здружението „Иван Михајлов“.
Согласно Законот за здруженија и фондации, кој беше донесен по скратена постапка во ноември 2022 година, бугарските клубови се обврзани да побараат пререгистрација или, во спротивно, им се заканува укинување. Рокот за поднесување на барањето истече на 16 февруари.
Според измените на Законот за здруженија и фондации, се забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, Третиот рајх и сл. Законот е со ретроактивно дејство и се однесува на веќе регистрираните здруженија и фондации и предвидува оние што нема да постапат според наведените измени, да се бришат од регистарот откако ќе донесе одлука министерот за правда.
Министерот за правда минатата недела, по претходно мислење на надлежната Комисија, донесе одлука со која беше избришан бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ од Битола, на што остро реагираше официјална Софија велејќи дека одлуката за бришење властите во Скопје ја донеле „исклучиво со непринципиелно, еднострано и тенденциозно ставање на имињата на здруженијата во искривен историски и идеолошки контекст“.