По состанокот на Комисијата за употреба на историските имиња утре, ќе се поднесе извештај врз основа на кој министерот за правда ќе донесе решение
Дали и бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид ќе го снајде истата судбина како и „Иван Михајлов“ во Битола, кој беше избришан од Централниот регистар, би требало да стане јасно по утрешниот состанок на Комисијата за употреба на имиња на историските личности.
Министерот Кренар Лога на денешниот брифинг со новинарите рече по состанокот утре Комисијата ќе треба да достави извештај врз основа на кој ќе донесе решение.
На брифингот со медиуми во Министерството за правда денеска беше појаснето дека првиот пат барањето било од самиот клуб, додека сега е од Централниот регистар.
„Пуштено е барање од Централниот регистар до Комисијата (за употреба на имиња на историски личности). Утре Комисијата треба да има состанок и по него ќе има извештај до министерот за правда, после кој јас ќе донесам соодветно решение како што беше и првиот пат (во случајот со здружението ‘Иван Михајлов’)“,
изјави Лога.
Согласно Законот за здруженија и фондации, кој беше донесен по скратена постапка во ноември 2022 година, бугарските клубови се обврзани да побараат пререгистрација или во спротивно им се заканува укинување. Рокот за поднесување на барањето истече на 16 февруари.
Според измените на Законот за здруженија и фондации, се забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, третиот рајх и сл. Законот е со ретроактивно дејство и се однесува на веќе регистрираните здруженија и фондации и предвидува оние што нема да постапат според наведените измени, да се бришат од регистарот откако одлука ќе донесе министерот за правда.
Минатата недела со одлука на министерот за правда, а по претходно мислење на надлежната Комисија, беше избришан бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ од Битола, на што остро реагираше официјална Софија велејќи дека одлука за бришење властите во Скопје ја донеле „исклучиво со непринципиелно, еднострано и тенденциозно ставање на имињата на здруженијата во искривен историски и идеолошки контекст“.