До крајот на неделата во владата ќе се организираат состаноци на соодветните институции за да се усогласи заедничко решение околу препораките на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците. Ова го најави вчера премиерот Зоран Заев, по разногласието во владината коалиција за тоа дали мислењето ќе се имплементира со ревизија на законот, со корекција на одредени делови или се ќе остане на интерпретација.
„Овој закон е една од алките што не спојува во државата и така ќе продолжиме во иднина градејќи заеднички ставови и сите препораки кои ги кажува Венецијанската комисија да имаат своја соодветна примена. Верувам дека токму тоа ќе биде во заеднички дух, онака како што имаме намера заеднички да го прифатиме“, изјави Заев.
Изјавата на Заев за значењето на Законот е на линија на она што претходно го изјави неговиот заменик, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, кој го спореди со Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија, нарекувајќи го еден од два три документи кои се основа на државноста, потенцирајќи дека тој нема да се менува.

„Тие документи се иреверзибилни кои нема да бидат предмет на никакви промени и измени, ниту еднонасочни, ниту какви било промени, туку треба да се најде начин како да ја имплементираме намерата на Венецијанската комисија за создавање капацитети со цел имплементирањето на двојазичноста да не создава проблеми во општеството, рече вчера Османи одговарајќи на новинарско прашање.
Разликите во гледиштата внатре во владината коалиција вчера продолжија и преку дебатата на пратениците Артан Груби и Соња Мираковска во Топ тема на Телма.

Груби изјави дека ДУИ не знаела оти целиот текст на Законот за јазици ќе биде испратен пред Венецијанската комисија, односно очекувале да бидат испратени само деловите кои се однесуваат на парите, хартии од вредност и униформите.
„Коалицискиот договор беше да се однесат во Венецијанската комисија само деловите од членот 8, параграф 1 кој се однесуваше на парите, униформите и хартиите од вредност и мислење да се добие од Венецијанската комисија само по тој параграф, рече Груби, додавајќи дека ДУИ не се согласува целиот закон да се разгледува во Венецијанската комисија, бидејќи законот одредува материја од Охридскиот рамковен договор и го заокружува нормативниот дел.
На тоа возврати пратеничката од СДСМ Мираковска, која посочи дека договорот уште од самиот почеток бил целиот закон да биде испратен на мислење.
„Се договоривме, ќе го донесеме и законот ќе биде даден пред Венецијанската комисија за да може да добиеме екпертско мислење што во тој закон сметаат дали нешто не е во ред или сметаат дека вака е во ред. Ние се консултираме со Венецијанската комисија за се, дури имаме и одредби од Венецијанската комисија кои станале одредби од закон, така што не гледам никаков проблем зошто Венецијанската комисија не би дала мислење по овој закон, рече Мираковска.
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави амандамни на законот чија цел е сегашниот неуставен закон, да го направат уставен. За пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, ова што се случи сега со Венецијанската комисија е меѓународна шлаканица за коалицијата СДСМ -ДУИ бидејќи донела закон надвор од европските стандарди. Според Милошоски, ретко кога Венецијанската комисија дава вакви остри критики.
Препораките ќе се почитуваат – но како?
Главните критики на Венецијанската комисија за овој закон се големите финансиски импликации, краткото време за спроведување и недостигот на потребен кадар на преведувачи. Има забелешки и на начинот на донесувањето на законот – без дебата, без консензус и по скратена постапка, како и за нејасното дефинирање кои одредби од законот се однесуваат само за албанскиот јазик, а кои на јазиците на останатите заедници.
„…Понекогаш е тешко да се разбере кои одредби од законот се само за албанскиот јазик, а кои и за јазиците на останатите заедници“, пишува во мислењето, во кое исто така се бара јасно дефинирање дека законот на граѓаните им дава право, а не им наметнува обврска да ги користат јазиците на заедниците.
Венецијанската комисија, укажува и дека институциите треба да ангажираат значителен број толкувачи и преведувачи на македонски и албански јазик со високи квалификации, што сега го нема, а тоа како што се наведува е можно со реформирање на образовниот систем.
„… Исто така е важно властите да го реформираат образовниот систем со цел да обезбедат јазична едукација од висок квалитет на македонскиот јазик и јазикот на малцинството, преку претставување на двојазични и мноуијазични наставни методи во сите училишта – како што неодамна препорача Комитетот на министрите – и да се стави крај на поделбата по етничка линија во училиштата”.
Членот што го регулира спроведувањето на двојазичност во банкнотите, монетите и поштенските марки, Комисијата не го смета за преседан и истакнува неколку примери во регионот, ЕУ и надвор од Унијата.
„Секако, спроведувањето на одредбите може да вклучи неколку проблеми во пракса бидејќи, особено на монети и поштенски марки, има лимитиран простор. Ретко е да се најде повеќе од еден јазик во нив“, укажува Комисијата.
Сепак, најголемите забелешки беа во однос на спроведувањето во судството, односно дека законот оди надвор од европските стандарди и нема експлицитна уставна основа. Комисијата во таа смисла препорачува, или повторно разгледување на Членот 3 од законот, ограничувајќи го полето на службена писмена комуникација, или одложување на стапувањето на сила додека потребното спроведување на овие одредби да биде реално.
На крајот, Венецијанската комисија констатира дека на Македонија сигурно ќе и требаат неколку години за целосно спроведување на законот.