Државниот јавен обвинител Ненад Савески денеска одговарајќи на новинарски прашања кажа дека имало координативен состанок на обвинителите во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, нивните истражители и истражители од Министерството за внатрешни работи (МВР), на кој бил направен план за понатамошни истражни дејствија и дека според тоа што му било кажано, наскоро може да се очекува јавнообвинителска одлука
Ако се земе предвид дека, според она што е познато во јавноста, предметот е во фаза на предистражна постапка, а јавнообвинителската одлука што се очекува ќе треба да одговори на прашањето дали предметот ќе оди во понапредна фаза, односно ќе биде отворена истражна постапка или, пак, случајот ќе биде затворен
Дека имало координативна средба потврдија и од ОЈО ГОКК, од каде што велат дека со претставниците на МВР било договорено прибирање на дополнителни информации и податоци потребни за целосно утврдување на фактичката состојба
Наскоро може да се очекува јавнообвинителстка одлука за т.н. „шпионска афера“, односно извлекувањето на податоци од информатичкиот систем во Кабинетот на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, за што предистрага води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Ова денеска го соопшти државниот јавен обвинител Ненад Савески одговорајќи на новинарски прашања по седницата на Советот на јавните обвинители. Имено, тој информира дека имало координативен состанок на обвинителите во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, нивните истражители и истражителите од Министерството за внатрешни работи (МВР), на кој бил направен план за понатамошни истражни дејствија.
На состанокот, како што кажа Савески, присуствувал и тој, и според она што му било кажано од надлежниот јавен обвинител и од истражителите, истражните дејствија се во завршна фаза и според тоа, додаде, во скоро време може да се очекува јавнообвинителска одлука.
„Она што е последно е дека имаше состанок со обвинителите, односно со истражителите од МВР и тимот на истражители кој работи на овој случај, а е во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Имаше координативен состанок на којшто и јас присуствував. Се направи еден план за понатамошни истражни дејствија. Според она колку што имав увид да се запознаам и од надлежниот јавен обвинител и од истражителите, во завршна фаза се истражните дејствија, така што сметам дека во скоро време би имало јавнообвинителска одлука во врска со тој случај“,
рече Савески.
Ако се земе предвид дека, според она што е познато во јавноста, предметот е во фаза на предистражна постапка, а јавнообвинителската одлука што се очекува ќе треба да одговори на прашањето дали предметот ќе оди во понапредна фаза, односно ќе биде отворена истражна постапка или, пак, случајот ќе биде затворен.
За потсетување, на 20 мај од ОЈО ГОКК соопштија дека кон крајот на минатата година отвориле предистражна постапка по известување од МВР за сомнежи дека од информатичкиот систем во Кабинетот на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, неовластено биле извлекувани содржини, односно податоци.
Сепак, оттаму тогаш наведоа дека иако станува збор за сензитивен и сериозен случај, и по неколку месеци Обвинителството сè уште не ги добило од Министерството за внатрешни работи (МВР) резултатите од бараните вештачења.
Истиот ден од Министерството за внатрешни работи потврдија дека до Секторот за компјутерски криминал од ОЈО ГОКК добиле две наредби во врска со случајот – едната од 12 февруари, а другата од 25 март оваа година, посочувајќи дека станува збор за поголема количина на електронски доказен материјал, за чија анализа е потребен поголем временски период.
Од надлежното Обвинителство кое ја води истрагата денеска одговорија дека до нив е доставен извештај со анализа на собраните материјали, согласно наредбите на јавниот обвинител.

Оттаму потврдија и дека во меѓувреме била одржана работна средба со претставници на Министерството за внатрешни работи, на која, како што информираат од ОЈО ГОКК, било договорено прибирање на дополнителни информации и податоци потребни за целосно утврдување на фактичката состојба.
„По приемот и анализата на целокупната документација и дополнителните информации, Обвинителството ќе ги преземе сите дејствија согласно своите законски надлежности и ќе донесе соодветна јавнообвинителска одлука, за што јавноста ќе биде навремено информирана“,
се вели во одговорот од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Инаку, ОЈО ГОКК по објавувањето на информацијата дека води предистражна постапка за случај кој сугерира на можна шпионажа во Кабинетот на Сиљановска-Давкова, се најде по бараж од критики на дел од преставниците на извршната власт, како и од самата претседателка на државата Сиљановска- Давкова.
Премиерот Христијан Мицкоски во изјава за медиумите рече дека наводите за шпионажа во Кабинетот на претседателката доаѓаа од, како што кажа, политички глодари од минатото, и дека нема основ за такво нешто, притоа додавајќи дека шефот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, шири паника.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, пак, му забележа, односно го критикуваше Обвинителството за објавување податоци кои се дел од предистражна попстапка.
„Ја разбирам потребата и Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и сите останати органи да бидат транспарентни, но во секој случај морам да потенцирам дека предистрага е постапка што сама по себе подразбира тајност во рамки на постапувањето, сѐ со цел да нема повреди на одредени начела во правото дефинирани согласно Устав и закон“,
рече Тошковски во интервју за „360 степени“ емитувано на МРТ 1 на 25 мај.
Претседателката на државата во неколку наврати при јавни настапи и телевизиско гостување кажа дека нема да ги коментира наводите од постапката, но, спред неа, сугестиите дека станува збор за шпионажа немаат логичен основ бидејќи сите дописи што ги добива од НАТО, од Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Агенцијата за разузнавање (АР) и од Генералштабот на АРМ биле во печатена форма и дека никој освен неа немал увид во нив.
Сепак, таа потврди дека има суспендирано лице од нејзиниот кабинет, како и дека биле направени проверки и дека било пријавено во Министерството за внатрешни работи.
„Веднаш откако генералниот секретар дознал за таквото нешто, го отстранил од работа лицето. Морам да кажам за лицето, иако мене ми е непријатно, не дошло со нас, се работи за личност со највисок сертификат ‘државна тајна’ кој бил ангажиран во кабинетот и на претходниот претседател, и на претходниот, бидејќи обично се работи за лица кои се ангажираат од Министерството за одбрана затоа што таму има развиена служба. И тие лица годишно се ангажираат, значи не се вработени кај нас“,
рече претседателката на 22 мај, во интервју за телевизијата Сител.
