„Ја разбирам потребата и Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и сите останати органи да бидат транспарентни, но во секој случај морам да потенцирам дека предистрага е постапка што сама по себе подразбира тајност во рамки на постапувањето, сѐ со цел да нема повреди на одредени начела во правото дефинирани согласно Устав и закон“, вели министерот за внатрешни работи во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

Навистина сум изненаден од начинот на кој се споделуваат одредени информации во јавноста. Ова е одговорот на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прашањето за известувањето од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за непостапување, односно доцнење во постапувањето од МВР во предистрагата за шпионажа од вработени во кабинетот на претседателката на државата.
Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, Тошковски рече дека предистрагата е постапка што подразбира тајност.
Тошковски: Ја разбирам потребата и Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и сите останати органи да бидат транспарентни, но во секој случај морам да потенцирам дека предистрага е постапка што сама по себе подразбира тајност во рамки на постапувањето, сѐ со цел да нема повреди на одредени начела во правото дефинирани согласно Устав и закон. И навистина сум малку, вака, изненаден од детали што беа споделени во јавноста, особено од страна на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
360°: Ако се погледне временската оска, постапувањето е по пријава од Министерството за внатрешни работи, од една од организационите единици, од крајот на минатата година, за настан во ноември. Сега сме мај. Укажувањата од ОЈО ГОКК за МВР се повеќе за временската димензија во овој случај.
Тошковски: Видете, ова второво што го потенциравте, пак, е посебно сомнително. Зошто? Заради тоа што ние говориме овдека за период од три месеци, како што кажува обвинителството, односно период од два месеци, како што е согласно последната наредба што е дадена, период кој е, слободно можам да кажам, прекраток за соодветните дејствија што треба да бидат процесуирани од Министерството за внатрешни работи.

Тошковски беше прашан дали се потребни два месеци за да се обезбедат копии од видеонадзорот од кабинетот на шефот на државата.
Тошковски: Прво, пак ќе повторам, не ми е јасно зошто јавното обвинителство во овој случај оди со такви детали во јавноста. Во оваа фаза од постапката. Тоа не ми е јасно. Второ, она што јас го кажав, а е во согласност со сето она што сме го работеле во минатото, е дека станува збор за еден прекраток временски период што воопшто не е невообичаен за постапување од страна на Министерството за внатрешни работи. Трето, Министерството за внатрешни работи не е курирска служба па да земе и да донесе нешто до Обвинителството, за тоа веројатно има поштари итн. Веројатно треба да изврши одредени анализи, треба да ја сработи суштински работата што треба да ја сработи по наредба на оној што е „Dominus Litis“, нели, оној што е главен согласно одредбите од Законот за кривична постапка. А главен е обвинителот.
360°: Ги имате ли копиите од видеонадзорот?
Тошковски: Нема да навлегувам во детали што се поврзани со предистражна постапка заради тоа што сметам дека истите не треба да бидат споделувани во јавноста во овој момент. Ќе дојде време кога сите детали ќе бидат споделени во јавноста.
360°: Треба ли сето ова да биде аларм дека можеби МВР сака да штити некого?
Тошковски: Не, не. Тезата е сосема обратна од онаа што…
360°: Јас знам дека вашата теза е обратна…
Тошковски: Не е мојата теза обратна. Тезата на нормалноста, тезата на искуството и тезата на она што е реална перцепција на граѓаните е обратната. Пак ќе повторам. Зошто сега, а не во други случаи, од страна на овој обвинител се повредува принципот на тајност? Прво. Второ, зошто се прави тема нешто што не е тема од аспект на навременост и ненавременост, имајќи ги предвид сите оние постапувања на сите оние предмети што се работени од страна на Министерството за внатрешни работи по наредба на јавен обвинител. Говориме за два месеци.
360°: Но, станува збор за настан од ноември.
Тошковски: Што е пријавен до Јавното обвинителство од страна на Министерството за внатрешни работи.
360°: Така, но за настан во ноември. Сега сме мај, повеќе од шест месеци се поминати, министре.
Тошковски: Не, не, ве молам сега, ве молам…
360°: Јас Ве разбирам дека Вие ќе кажете дека од последната наредба се поминати два месеца…
Тошковски: Така е. Не се ни два. На 25 март е наредбата, не се ни два.
360°: Добро, ако станува збор за сомнежи за шпионажа, два месеци се многу долг период.
Тошковски: Видете, пак ќе повторам. Особено Јавното обвинителство е тоа што треба да се грижи за почитување на одредбите од Законот за кривична постапка. Особено Јавното обвинителство. Зошто прави тема во јавност и три дена одреден број медиумски куќи со одредени наводни кривични пријави од група граѓани вработени во Министерството за внатрешни работи, што многу потсетува на една група граѓани од Агенцијата за разузнавање што пуштаа кривични пријави итн., отвораат тема што не е тема од аспект на прашањата што се ставаат на маса. Со кого сакате разговарајте од делот на фелата, ќе ви кажат дека за два месеца ни оддалеку не е симптоматичен период каде што треба да се направи анализа и да се извадат заклучоци, и да се подготви една ваква постапка. Ни оддалеку не е ненавремено постапување на Министерството за внатрешни работи.
360°: Ако следот на работите бил овој – до медиумите стигнува некаква анонимна информација за тоа дека постои одреден случај. И така беше.
Тошковски: Токму за овој обвинител, така?
360°: Не знам.
Тошковски: Чудно малце.
360°: Не знам.
Тошковски: Предмет што го работи токму овој обвинител.
360°: Па, не се многу на број… Вие сакате да кажете дека свесно се прави ова за да се покрие случајот со мазутот?
Тошковски: Јас не сум кажал ништо.
360°: Но тоа ви е алузијата, ја разбирам.
Тошковски: Јас само поставувам јавно многу логични прашања. Многу логични прашања. Еве, нема да го именувам обвинителот со име и презиме.

Прашан дали има индиции за протекување доверливи информации од кабинетот на шефот на државата кон странски служби, Тошковски повтори дека се работи за предистражна постапка.
Тошковски: Во овој момент, почитувајќи ги сите оние постапки што претходно сум ги споделувал со јавноста во оваа фаза, почитувајќи го принципот на комуникација што е согласно закон, не би можел да споделам повеќе детали во јавноста. Но, можам да кажам, кога ќе се разобличат сите факти потребни за јавноста, тогаш можеби ќе се даде одговор на прашањето што вака отвора многу интересни одговори од аспект на внесување во одредена приказна, од страна на одредени високопозиционирани обвинители во рамки на обвинителскиот систем во Македонија, во насока на подгревање тези што би требало да го доведат под прашање работењето на Министерството за внатрешни работи, работењето на оваа влада итн., сѐ со цел одредени големи предмети што беа отворени од МВР во изминатиот период, да не ја видат правдата на крајот од денот. И почнавме да гледаме дел од она коешто вака искрено можам да кажам не верував првенствено дека има такво сценарио. А, инаку, се збореше подолго време во јавноста дека ќе се атакува со одредена сила на Министерството за внатрешни работи. Зошто – не знам. Ќе каже времето.
360°: Да не е ова теорија на заговор?
Тошковски: Па, јас искрено мислев дека е теорија на заговор. Искрено мислев дека е, но еве гледаме прво еден случај што, по мене, и тоа како имаше докази за да продолжи во втора фаза, а запре, па после тоа истиот обвинител влегува во рамки на одредена ненавремена акција од страна на Министерството за внатрешни работи за два месеци и несобирање докази итн.
360°: Но, ако било прашано од новинарите, треба ли ОЈО ГОКК да одговори? Ако медиумите добиле одредена информација, па се обратиле до ОЈО ГОКК…
Тошковски: Токму за овој, баш за овој предмет со истиов обвинител, така? Случајно. Случајно со истиот обвинител.
360°: Ама можеме и од друг аспект да го гледаме случајот – зошто се крие, ако е сериозен случај, толку време од јавноста?
Тошковски: Предистрага е. Предистрага е предистрага. Значи, сама по себе тајност на постапката, за тоа е во таа фаза. Така? Ние, замислете сега, да вратиме едно време на постапување од минатото каде што врз основа на предистражни постапки се правеа циркузи во државата. За секој еден човек. Тоа треба да го направиме? Нели требаше да избегаме од оној нехуман, ненормален, незаконски начин на постапување и злоупотреба на одредени позиции во минатото, особено од страна на Министерството за внатрешни работи, Јавно обвинителството итн.
360°: Од позиција на политичка партија, дали ВМРО-ДПМНЕ секој ден не осудува и не носи во затвор конкретни луѓе?!
Тошковски: Ама видете, политичка партија може да отвора секакви прашања за дебата.
360°: Ама тоа не е која било политичка партија, таа не е маргинална, таа е на власт со речиси двотретинско мнозинство во парламентот.
Тошковски: На политичка партија ѝ е работа да отвора прашања што смета дека се од интерес за јавноста. Работа на институциите е да го задржат достоинството, да го почитуваат законот и да постапуваат во рамки на оние ингеренции што им се дадени согласно Устав и закон. Каде би отишла оваа држава кога секој што би сакал би правел во рамки на институциите врз основа на плаштот на транспарентност, јавност итн.
На прашањето дали може да каже кога МВР ќе му одговори на Обвинителството, Тошковски рече дека тоа ќе се случи за брзо време.
Тошковски: Еве, јас ви ветувам дека за брзо време ќе има информации, детални за јавноста, кога ќе се овозможат услови за истите да бидат споделени со јавноста. И дури тогаш како клучно прашање ќе се постави зошто токму сега, токму од истиот обвинител, токму за несфатливи обвинувања од аспект на два месеци траела истрагата, па предистрагата од аспект на анализа, па предистраги од аспект на анализа траат и по две години и по шест години итн., не траат по два месеци.
360°: Има след на дејствијата, побарале снимки од кабинетот на претседателот – им рекле немаме, побарале од СОЗР, им рекле – МВР ги има… Значи, работела обвинителката…
Тошковски: Ама мене ми е најлесно сега да седнам и да ви ги кажам деталите. Најлесно ми е да ви кажам детали.
360°: Само дали може да кажете барем кога ќе одговорите на наредбата од ОЈО ГОКК?
Тошковски: Во текот на наредната недела, согласно информациите што ги имам, ќе биде постапено онака како што треба, со анализа на сите потребни документи што ги има Министерството за внатрешни работи и ќе биде доставено известување до јавното обвинителство. И тоа ќе се случеше и без оваа тема да биде отворена во јавноста и без да се отворат одредени шпекулации во јавноста и без да се спроведува оваа стратегија на напад на Министерството за внатрешни работи од орган што добар континуитет наназад има два-три посто рејтинг. Сакајќи да се префрли тежината на непостапување, запирање на постапки…
360°: Ама, министре, зошто ВМРО-ДПМНЕ има право да го напаѓа Обвинителството, а Обвинителството нема право да каже што работи?
Тошковски: Ама како нема право, има апсолутно право.
360°: Значи вие може да ги мавате, да ги тепате секој ден, а тие немаат право ни да плачат.
Тошковски: Обвинителството има апсолутно право да изнесе во јавност, да е транспарентно итн. за сите постапки согласно закон.
360°: Што е вон закон?
Тошковски: Ама сега Обвинителството ако не го почитува законот, кој треба да го почитува законот? Како може ние да бараме од обичен граѓанин да го почитува законот, ако Јавното обвинителство не го почитува законот за кривична постапка во делот на тајност на фаза? Јас не спорам дека јавноста треба да знае сѐ што е поврзано со овој предмет. Ама кога е прашањето многу битно. Во фаза на предистрага?
Инаку, од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција пред два дена информираа дека е се води предистрага за можна шпионажа во кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Од ОЈО ГОКК велат дека до Секторот за компјутерски криминал на МВР доставиле барање за анализа на екстрахирани податоци од мобилни телефони на лице од Кабинетот на претседателката и од компјутерски систем, но до денес, и покрај сериозноста на предметот, чувствителноста на околностите и значењето на навременото постапување, немаат добиено известување од МВР за резултатите од преземените дејствија, ниту за прибраните докази. Слично е и со видеоснимките од надзорот во кабинетот.
