Причината, како што наведуваат од Обвинителството, е што таа не е достапна за државните органи

На Ива Михаилова, која е обвинета за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, ќе ѝ се суди во отсуство, откако по предлог на Основното јавно обвинителство во Кочани било донесено вакво решение. Причината, како што наведуваат од Обвинителството, е што таа не е достапна за државните органи.
Следното рочиште е закажано на 9 ноември во 9 часот.
Против Михаилова, жителка на Кочани со македонско и бугарско државјанство, се води постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици која се случи минатата година на експресниот пат Кочани – Штип. Во текот на процесот таа тврдеше дека е жртва на дискриминација поради тоа што има двојно македонско и бугарско државјанство и дека не ѝ се дозволува заминување на лекување во Бугарија.
Бугарските медиуми на 12 октомври објавија дека Михаилова се наоѓа во Бугарија, иако претходно ѝ биле одземени двата пасоша – македонскиот и бугарскиот, како дел од превентивните мерки со кои требало да се спречи нејзино заминување од државата.
Во изјава за бугарската БТВ, таа рече дека одлучила да замине за Бугарија поради влошената здравствена состојба, како и дека тоа го сторила со своите документи за лична идентификација. Според македонското МВР, не е евидентиран легален излез на Михаилова од државава, ниту легален влез во Бугарија, а истото важи и за адвокатот Николај Димитров, кој тврдеше дека ја придружувал.
- Ива Михаилова успеала да ја помине македонско-бугарската граница – адвокатот не кажува на кој премин
Засега не се знае на кој начин Михаилова ја поминала границата меѓу Македонија и Бугарија, односно како излегла од државава и влегла во Бугарија, а одговорот се очекува да го даде истрагата што ја спроведува Министерството за внатрешни работи.
Откако било утврдено дека не се јавила во полиција и не била пронајдена на домашната адреса, Основниот суд Кочани на предлог на кочанското Основно јавно обвинителство на Михаилова ѝ одреди притвор, по што по неа беше распишана меѓународна потерница.
Откако од бугарска страна беа посочени уставни и законски ограничувања за нејзина екстрадиција, премиерот Христијан Мицкоски најави дека прашањето ќе биде отворено пред партнерите во НАТО и Европската Унија. Тој рече дека, по завршувањето на истрагата, дел од доказите ќе им бидат презентирани на сојузниците, истовремено отфрлајќи ги обвинувањата дека заминувањето било договорено меѓу властите на двете земји.
