„Ја истакнав цврстата посветеност на Владата на реформските процеси и полноправното членство во Европската Унија, како и потребата од забрзување на процесот на европска интеграција“, напиша шефот на дипломатијата на Фејсбук по средбата со францускиот министер за Европа, одржана на маргините на Самитот на лидерите на Берлинскиот процес во Црна Гора
Билатералната соработка, европската перспектива на Македонија и поддршката од Франција на нашиот европски пат. Ова биле темите на кои шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски утрово разговарал со министерот за Европа на Француската Република, Бенжамин Хадад.

Средбата, како што објави Муцунски на неговиот официјален фејсбук-профил, била остварена на маргините на Самитот на лидерите на Берлинскиот процес, што се одржува во Црна Гора.
„Ја истакнав цврстата посветеност на Владата на реформските процеси и полноправното членство во Европската Унија, како и потребата од забрзување на процесот на европска интеграција“,
наведува шефот на македонската дипломатија.
Тој додава дека со Хадад размениле мислења и за актуелните регионални случувања и улогата на Македонија како одговорен и конструктивен партнер во регионот и пошироко во Европа.
Македонската делегација на Самитот на лидерите на Берлинскиот процес, што се одржува во Црна Гора, ја предводи премиерот Христијан Мицкоски. На Самитот, како што е најавено, ќе се раговара за економското поврзување на регионот, безбедноста и забрзувањето на интеграцијата во Европската Унија (ЕУ).
Самитот е завршен настан на претседавањето на Црна Гора со Берлинскиот процес, а покрај лидерите од Западен Балкан, на настанот учествува и канцеларот на Сојузна Република Германија, Фридрих Мерц.
Според најавите, на главната сесија од Самитот, премиерот Мицкоски ќе ги образложи македонските можности и ставови поврзани со економијата, безбедноста, како и европските интеграции и конкурентноста на регионот.
