Тие ја предупредуваат американската војска дека продолжувањето на провокациите може да доведе до поширок одговор насочен против нејзините бази во регионот

Морнарицата на иранската Исламска револуционерна гарда соопшти дека четири пловни објекти, вклучени во, како што велат, илегален транспорт на нафта во северниот дел на Персискиот Залив, биле истовремено погодени и зафатени од пожар, откако претходно, вчера, биле следени од нејзините сили, пишува Ројтерс.
Од Револуционерната гарда додаваат дека уште три пловни објекти налетале на мини западно од Ормускиот Теснец, при што ја предупредуваат американската војска дека продолжувањето на провокациите може да доведе до поширок одговор насочен против нејзините бази во регионот.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера предупреди дека Иран се обидува да продолжи да развива нуклеарно оружје.
„Иранскиот режим сè уште не ја научил лекцијата. Моџтаба Хамнеи одлучи да ги следи стапките на својот татко. Иран повторно се обидува да го развие своето оружје на смртта“,
рече Нетанјаху во училиштето за обука на офицери „Бахад 1“ во Јужен Израел.
Затоа, рече тој, постои само еден начин да се елиминира оваа закана еднаш засекогаш.
„Тоа е да се собори режимот во Иран. Тоа е мојата наредба до израелската армија, Мосад и безбедносните служби“,
рече тој.
