Од МВР велат дека во недоразбирањето во Куманово, поради кое се уапсени девет лица, немало меѓуетнички елементи
За случајот претходно Алијанса за Албанците обвини за физички напад на етничка основа извршен од страна на маскирани лица, кој се случил во Куманово и ги повика надлежните институции да ги фатат и казнат напаѓачите на, како што велат, младите Албанци
Кумановската полиција вчера уапсила девет лица на возраст од 18 до 23 години кои биле вмешани во случајот со насилството во Куманово, а на службен разговор дополнително биле повикани и тројца малолетници.
Како што соопшти МВР, тие се осомничени дека на 14 ноември на улицата „Карл Маркс“ во Куманово со тврди предмети му го оштетиле возилото на 20-годишник со иницијали Б.Ш. од Куманово. Тој, пак, во обид да избега предизвикал сообраќајна незгода удирајќи во паркирано возило.
„Кумановската полиција вчера ги лиши од слобода Р.И.(18), Ф.А.(19), А.Д.(20), К.Г.(18), А.Т.(18), А.В.(18), А.С.(20), А.Б.(23) и Л.С.(19), сите од Куманово и Кумановско. По целосно документирање на случајот, против сите лица ќе следуваат соодветни пријави“,
се вели во соопштението од МВР.
Дополнително, од МВР додаваат дека во недоразбирањето немало меѓуетнички елементи.
За случајот претходно партијата Алијанса за Албанците обвини за физички напад на етничка основа извршен од страна на маскирани лица, кој се случил во Куманово, и ги повика надлежните институции да ги фатат и казнат напаѓачите на, како што велат од партијата, младите Албанци.
Оттаму посочија дека овие сцени се слични на оние од пред неколку години од „поранешниот режим, кога настрадаа многу граѓани, главно млади луѓе“.