Од партијата велат дека овие сцени се слични на оние од пред неколку години од „поранешниот режим, кога настрадаа многу граѓани, главно млади луѓе“
Од МВР за „360 степени“ потврдија дека имало ваков инцидент вчера и дека преземаат мерки за расчистување на случајот. Како што информираат од Министерството, дваесетгодишен кумановец, додека бил во својот автомобил со уште едно лице, бил нападнат од повеќе лица кои со тврди предмети му го оштетиле возилото
Алијанса за Албанците денеска обвини за физички напад на етничка основа извршен од страна на маскирани лица, кој се случил во Куманово, и ги повика надлежните институции да ги фатат и казнат напаѓачите на, како што велат од партијата, младите Албанци.
„Вознемирувачки е фактот, а уште повознемирувачки се сцените кога маскирани хулигани доцна во ноќта напаѓаат млад Албанец во најстариот центар на градот Куманово“,
се наведува во соопштението на Алијанса.
Оттаму велат дека овие сцени се слични на оние од пред неколку години од „поранешниот режим, кога настрадаа многу граѓани, главно млади луѓе“.
„Итно апелираме до надлежните органи, Министерството за внатрешни работи на чело со министерот Оливер Спасовски и заменик министерот Назим Буши, да ги идентификуваат, приведат и изведат пред органите на правдата овие хулигани кои ги вознемируваат минувачите и предизвикуваат паника кај граѓаните на Куманово“,
потенцираат од партијата.
Алијансата за Албанците, додаваат од партијата, повикува на смиреност и максимална претпазливост и истовремено ги повикува граѓаните на Куманово да не паѓаат на овие провокации кои можеби се оркестрирани и координирани од различни кругови кои не го сакаат најдоброто за градот и граѓаните на Куманово.
Од МВР за „360 степени“ потврдија дека имало ваков инцидент вчера и дека преземаат мерки за расчистување на случајот.
Како што информираат од Министерството, дваесетгодишен кумановец, додека бил во својот автомобил со уште едно лице, бил нападнат од повеќе лица кои со тврди предмети му го оштетиле возилото.
„На 14.11.2022 година во СВР Куманово Б.Ш. (20) од Куманово пријавил дека околу 1.20 часот на улицата ‘Карл Маркс’ во Куманово додека бил во неговото возило `фолксваген голф`, во кое имало уште едно лице, повеќе лица со тврди предмети му го оштетиле возилото, по што во обид да избега предизвикал сообраќајна незгода удирајќи во паркирано возило. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
велат од МВР.
Од нападот има видеоснимка, која била објавена на социјалните мрежи.
Прашање за инцидентот денеска му беше упатено и на премиерот, Димитар Ковачевски, кој рече дека не бил запознаен со случајот ниту, пак, знае за каква снимка станува збор. Сепак, тој потенцираше дека доколку имало нарушување на законот, тоа „мора најитно да биде санкционирано“
„Не сум запознаен имав состанок… Не знам за каква снимка се работи меѓутоа сè што е нарушување на законот мора да биде најитно санкционирано согласно законите од страна на Министерството за внатрешни работи“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата со европратеничката и лидерка на прогресивната алијанса на социјалдемократи во Европскиот парламент, Ираче Гарсија Перез.