Од полицијата велат дека децата се евакуираат и во тек се антитерористички проверки
Министерството за внатрешни работи (МВР) потврди дека и денеска има дојави за бомби наведувајќи дека тие пристигнале на електронските адреси на дури 33 основни училишта во Скопје.
„Денеска (07.02.2023) околу 12.30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на електронска адреса на 33 основни училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштето и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
велат од МВР.
Како што веќе објавивме, школите се во повеќе општини во главниот град, меѓу кои и: „Димитар Миладинов“, „Ј.Х. Песталоци“ и Коле Неделковски“ во Центар, „Ацо Шопов“ во Бутел, „Кузман Јосифовски Питу“ во Кисела Вода и „Гоце Делчев“ во Аеродром.
Ова е вторпат од почетокот на 2023 година односно втор пат во второто полугодие од школската година кога се праќаат дојави во училишта.
Првиот пат тие беа регистрирани минатиот петок (3 февруари) кога пријави имаше од десет училишта. По проверките од МВР се воспостави дека станува збор за лажни дојави.